Пак ќе му се суди на Мухамед Зеќири: укината му е затворската казна од Апелација
Апелациониот суд Скопје ја укина пресудата на Основниот кривичен суд Скопје против поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири за злоупотреба на службена положба и овластување и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд.
Постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ- 16/24, по одржана јавна седница на 5 јуни годинава, на 6 септември, Апелациониот суд Скопје донел одлука со која ја уважи жалбата на обвинетиот М.З. од С. и пресудата на Основниот кривичен суд Скопје по жалбата и по службена должност, ја укина и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд.
„Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, изјавена по однос на одлуката за конфискација, ја оцени како беспредметна во оваа фаза на постапката.
При повторното постапување, потребно е првостепениот суд да ги изведе доказите предложени од странките во насока на утврдување на решителните факти на кои е укажано во ова решение, па по спроведувањето на доказната постапка и изведување на доказите предложени од странките, во зависност од утврденото, со правилна примена на Кривичниот законик, првостепениот суд да се произнесе за постоење на предметното кривично дело и кривичната одговорност на страна на обвинетиот, донесувајќи правилна и законита судска одлука, која ќе може во целост и со сигурност да се испита“, се вели во соопштението од Апелација.
Зеќири е осуден за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, односно според членот 353 став 4 од Кривичниот законик за кој со последните измени на Законикот е предвидена казна од една до пет години.