Македонија

Зеќири нудел 280.000 евра имот за да излезе од затворот во Шутка

Мухамед Зеќири барал слобода, а за неа нудел и имот од 280 илјади евра. Судиите од Кривичниот суд сепак одлучиле дека парите не се доволни за да гарантираат дека тој нема да избега, па му го продолжиле притворот за нови триесет дена. Според нив, опасноста да влијае на сведоци и да избега – се уште постои. Сепак, можноста Зеќири да излезе останува, бидејќи Апелација треба да одлучува веќе во наредните денови по однос на притворот, бидејќи адвокатите поднеле жалба.

Мухамед Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителството, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.

„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.

Дента кога му беше одреден притвор, Зеќири даде оставка и од позицијата генерален секретар на Владата.

To Top