Свет

Драма во Италија: Баба и бебе исчезнаа во поплавите, родителите се спасиле излегувајќи на покрив, потрагата по нив е во тек

Баба и петмесечно бебе се водат како исчезнати во поплавите откако во текот на ноќта невреме ја погоди областа Пиза во Италија.

Потрагата по бебето и неговата баба во Монтекатини Вал ди Чесина е во тек од синоќа, јавува Раи њуз.

Таткото, мајката и дедото на бебето, странски туристи, се спасени од покривот на куќата. Семејството се засолнило на покривот од својата куќа поради зголеменото ниво на водата.

Пожарникарите се вклучени во операцијата со нуркачи, спасувачи на реки, ракувачи со кучиња, оператори со дронови и редовни екипи. Во меѓувреме продолжуваат спасувачките операции во областа Пиза поради штетите предизвикани од вчерашното лошо време.

Засега не се знае каде биле бабата и бебето кога поплавата влегла во куќата.

Според медиумите, поради невремето некои патишта се затворени или блокирани, а без струја останале околу 700 корисници.

Надлежните апелираат граѓаните да не излегуваат од домовите, бидејќи сообраќајот е во целосен колапс.

Во понеделникот, широко распространети, па дури и обилни врнежи ги погодија долината По, Тоскана, Умбрија, Лацио и Кампанија. И додека во вторник лошото време ќе се движи кон исток, сепак ќе го зафати североисточниот, а во раните часови Ломбардија.

Африканскиот антициклон ќе продолжи да се засилува од среда, со што ќе донесе стабилно, сончево, па дури и многу топло време во многу централни и јужни региони.

„Во Рим, Анкона, Терни и Пескара ќе се вратиме на 28-29°C, додека на југ дури 33-35°C, особено на Сицилија“, велат метеоролозите.

На почеток