Туфегџиќ: Таткото нема поврзаност со убиството на Вања, негов впечаток е дека полицијата не се ангажирала
Александар Ѓорчевски нема никаква поврзаност со убиството на неговата ќерка Вања Ѓорчевска, рече адвокатот Владимир Туфегџиќ во „Претрес” со Кристијан Ландов.
Тој во постапката е адвокат на таткото Александар.
Јавниот обвинител, посочи, ќе има тешка задача да ги поврзе доказите за двете убиства, на Вања и Панче Жежовски.
Таткото на Вања прв го открил возилото, па после полицијата го следела за да ја најде траекторијата, вели Туфегџиќ во „Претрес“.
„Јас на судот му стојам на располагање да се расчисти случајот”, рече на судењето таткото.
„Александар ја добива информацијата за исчезнувањето на Вања од мајката. Тие се во стресна состојба како родители. Прв чекор е да се извести полицијата. Мајката ја извести полицијата. Претпоставуваа дека детето одело на училиште. Тие биле со телефоните поврзани. Наставничката ја известила мајката дека Вања не се појавила. Вања немала никакви проблеми со мајката и таткото. Живеела во нормална средина, иако родителите биле разведени. Вања била особено поврзана со таткото. Нивен впечаток е дека полицијата доволно не се ангажирала и затоа сам почнал истрага и тоа го довело до видео камерите. Му ги дале снимките сите, забележал атипично движење на едно возило. Таткото презел сѐ што би направил родител. Таткото им ги дал снимките на полицијата”, рече Туфегџиќ.