(Видео) Аш, ја нема: Арсовска не ги есапи советниците, кои ги обвинува за нефункционалност на Скопје


Неуспешно заврши потрагата по градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која не се појави на денешаната седница за советнички прашања. Иако постојано ги обвинува советниците дека земаат по 500 евра, а не си ја вршат работата, денеска таа, не застана пред нив за да одговори на нивните прашања поврзани со работата на Град Скопје и претпријатијата.
Претседателот на Советот, Трајко Славески, даде пауза за да се лоцира Арсовска, но безуспешно.
„За жал немаме обезбедено присуство на Арсовска, јас немам никаква информација дали треба дополнително време. Прашање е дали да продолжиме со седницата“
Љубица Јанчева, советничка од СДСМ кажа дека сите советници од оваа партија нема да учествуваат во работата на Советот, а со тоа, немаше кворум за одлучување.
„Доколку не е тука, нема да учествуваме во работата на седницата, ќе ја напуштиме. Дајте ни минута-две, за да ја напуштиме салата“, рече Јанчева.
Славески упати порака до советниците.
„Бидејќи не се обезбедени услови за советнички прашања, ја заклучувам седницата, ве охрабрувам во писмена форма да поставувате прашања и да инсистирате на одговори“, рече Славески.
