Скопје

Сомнежи за труење во училиште во Аеродром: Деца од вчера се со стомачни проблеми, по ручек додека биле на настава

Дел од родители на ученици во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ се пожалиле дека по оброк за ручек, од вчера до денеска, многу од нивните деца се жалеле на здравствени проблеми. Тие посочуваат дека постои сомнеж за труење со храната, која се доставува од надворешна фирма. За овој сомнеж, го известиле и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

„Од Центарот за јавно здравје-Скопје сме известени дека имаат сознанија за појава на стомачни тегоби кај повеќе ученици кои посетуваат настава во ООУ Ѓорѓија Пулевски, за кое постои сомнеж дека станува збор за труење со храна. Известени сме дека епидемиолозите направиле контакт со ЈЗУ УК за инфективни болести и УК за детски болести, но во овие здравствени установи не се јавиле на преглед ученици од наведеното училиште со стомачни тегоби“, велат од ДСЗИ за „Скопје1“.

Оттаму додаваат дека Одделението за епидемиологија на Центарот за јавно здравје било известено од страна на матичен доктор дека три деца, ученици во истото училиште се јавиле на преглед и дека ќе достават пријави за заразно заболување.

„Откако од страна на одделението за епидемиологија, по добиените пријави ќе се изврши епидемиолошка анкета, очекуваме како Инспекторат да бидеме известени од нивна страна дека се работи за епидемиско труење со храна ќе се постапи според протоколот“, додаваат од ДСЗИ.

На почеток