(ВНИМАВАЈТЕ!) Со лажни казни за паркинг, низ Скопје се крадат информации за кредитни картици!


Лажни казни за паркирање со QR-код за онлајн наплата се оставаат низ Скопје. Граѓани посочуваат дека неколку пати имаат забележано, па алармираат дека на ваков начин можат да се украдат податоци за картичките на граѓаните и потоа да се искористат за други трансакции.
Изгледот на казните е направен да биде исти како оние кои Паркинзи на општина Центар ги издаваат секојдневно. Единствената разлика е во делот на QR-кодот, кој кога ќе го скенирате води до страница „https://freezonebelgrade.org/PayDpk.html“, со исти дизајн како оној за наплата на казни на ПОЦ.
„Ве известуваме дека денес пријавена е поставена лажна Дневна Паркинг Карта (ДПК) при која се злоупотребени дизајнот и логото на ЈП Паркинзи на Општина Центар. На неа стои QR код кој треба да се скенира и да се изврши онлајн уплата за истата, а истиот води кон веб-адреса која нема поврзаност со ЈП ПОЦ и е со цел преку измама да се извлечат парични средства. Ги замолуваме граѓаните да бидат внимателни и доколку забележат ДПК од овој тип веднаш да нѐ известат. Единствената веб-адреса за онлајн наплата на ДПК на претпријатието е https://users.poc.mk/PayDpk. Од наша страна во моментов се преземаат мерки за пријави до надлежните органи и информирање на јавноста со цел заштита на граѓаните. Во прилог фотографија од лажната ДПК“, велат од ПОЦ.
