Македонија

Сиљановска Давкова прими претставници на Унијата на Здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија

Претседателката Сиљановска Давкова денеска прими претставници на Унијата на Здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија, предводена од здружението ЗМСТАС „ЗА НАС“, а во пресрет на одржувањето на 3. Меѓународен конгрес на Унијата.

На средбата, претседателката Сиљановска Давкова беше информирана со генералните заложби на Унијата на Здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија, воспоставените соработки и учества на меѓународни конгреси и симпозиуми. Претставниците на Унијата информираа и за тековните активности во контекст на изготвувањето на предлог законот за уредување на сестринската професија, за унапредување на работата и подобрување на образовниот процес.

Изразувајќи почит кон нивната благородна професија, претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината поддршка за континуираниот ангажман за унапредување на положбата на сестрите и акушерките во државата, што има непосредно влијание и врз севкупните здравствени услуги за граѓаните. Во таа насока беше нагласена потребата за поголема видливост на предизвиците со коишто секојдневно се соочуваат, како и од посветен и одговорен пристап за нивното надминување.

На средбата се разговараше и за подготовките околу организирањето на 3. Меѓународен конгрес на Унијата што на тема “Автономија на сестринството: сега и во иднина”, ќе се одржи во периодот од 4 до 6 октомври, во Струга, како и за 5. Конгрес на Балканската асоцијација на сестринството, чиешто одржување е предвидено за март следната година, во Скопје.

На почеток