Родителите на починатиот диџеј Љупчо Лешко и по три месеци бараат одговори како починал нивниот син
Кети и Раде, родителите на диџејот Љупчо Лешко кој почина на приватна забава од пријавен струен удар, во „Претрес“ со Ландов бараа одговори од надлежните која е вистинската причина за смртта на нивниот син.
„Поминаа три месеци, а немаме одговор. Свесни сме дека треба време за испитување и обдукции. Не се сомневам дека е струен удар. Имаше полиција, вештак, јавен обвинител, не знам што се работеше. Три кабли и адаптерот се земени. Струен удар од краток спој стоеше во билтенот од МВР. Не обвинувам никого, но симптоматично ни е, дека според кажување на децата таму цело време имало пецкање од струја”, вели таткото.
Дел од опремата бил нивен, а дел на сопственикот.
Таму инаку се забавувале 40-50 деца. Целата опрема на Љупчо била исправна кога им ја вратиле.
„Лице од крвни деликти ни кажа дека нашиот син имал проширено срце бидејќи бил фудбалер. Нашиот син не бил фудбалер. Друго ни кажа – немало струен удар и дека ќе заврши како незнаен случај”, вели Раде.
Предметот до минатата недела не е даден во форензика. Нема обдукциски наод и тие не можат да извадат посмртница. Мајката вели наместо одговори од лекарка добила закана со кривична пријава ако се јави уште еднаш.
„Нема одговори дали е несреќен случај, струен удар или нешто сосема друго. Љупчо влегол во базенот, излегол и продолжил да пушта музика. Љупчо немал толку зголемено срце како што тврдат, Љупчо немаше здравствени проблеми, само забрзано работење на срцето пред неколку години”, велат родителите.
Мајката посакува никој да не доживее таква болка како тие, но ја бараат вистината и се грижат за другите две деца.