ЦУК: Пожарот во зградата во Чаир е се уште активен
ЦУК информира дека во последното деноноќие имало регистрирано 16 пожари на отворено на територијата на државата, при што гореле стрништа, депонии, ѓубришта, одпад, гуми, сува трева, нискостеблеста вегетација и шума – сите се изгаснати, а паралелно пожарникарите гаснеле пожари во населени места, села и градови.
Регионалниот ЦУК Скопје ја пренесува информацијата од БППЗ на Град Скопје во која се наведува дека од 01.50 часот на ден втори октомври со 20 пожарникари и седум противпожарни возила интервенираат поради запален магацин на улицата „Прохор Пчињски“ бр.136 во подрумски дел на зградата.
Пожарот е проширен и на станбена зграда, на приземните дуќани, а имаше многу густ црн чад, поради што евакуирани се повеќе од жителите на зградата, велат од ЦУК.
Од Итната медицинска помош во 14.25 часот, известиле дека имаат дадено прва медицинска помош на 10 деца, 21 возрасен, еден пожарникар и една бремена жена. Дополнително како помош на БППЗ на Град Скопје пристигнало специјално противпожарно возило на АРСМ.
Во 06.00 денеска е добиена информација дека пожарот се уште е активен и во моментов на терен се три противпожарни возила од БППЗ на Град Скопје (Општина Чаир).