Путин денеска го слави 72 роденден
Рускиот претседател Владимир Путин денеска полни 72 години. Тоа ќе биде 21-ви пат како роденденот го слави на највисоката државна функција.
„Како и претходните години, шефот на државата ќе го прослави роденденот на работа. По правило, Путин почнува да добива честитки од странски лидери во вид на телеграми и телефонски повици наутро.
Во првата половина од денот се закажани бројни приватни средби. Во вечерните часови Путин ќе се сретне со шефовите на држави на ЗНД кои се собираат во Москва пред утрешниот самит“, пишува руската прорежимска агенција ТАСС.
Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, Путин не може да си дозволи ниту еден ден целосен одмор.
„Претседателот и во текот на денот нема одредено време за работа и одмор – доколку е потребно, поднесува извештаи и ноќе. Како резултат на тоа, Путин практично деноноќно е на должност“, рече Песков.
Во јавноста Путин не зборува за својот роденден.
„Тоа ми е роденден, тоа не е национален празник. Се чини нескромно да се преувеличува важноста на овој настан“, рече Путин, додавајќи дека роденденот го прославува со пријателите и семејството.
„И покрај презафатениот распоред, претседателот се обидува да остави барем една вечер за своето семејство. Меѓутоа, средбите со лидерите на земјите од ЗНД веќе станаа добра традиција“, пишува ТАСС.