Британецот Џорџ Расел ќе биде возач на Вилијамс следната година откако потпиша повеќегодишен договор со Ф1 тимот.
20-годишниот Расел, кој е резервен возач на Мерцедес оваа година, ќе биде вториот дебитант од Британија во Ф1 следната година по Лендо Норис, кој ќе вози за Мекларен и трет Британец вкупно заедно со светскиот шампион Луис Хамилтон.
Расел е на чекор од освојувањето на Формула 2 шампионатот, по одличната деби сезона во која имаше шест победи и има 37 поени предност пред последната трка од шампионатот во Абу Даби следниот месец.
„Вистинска чест е да се приклучиш на тим со престиж и наследство како Вилијамс. Формула 1 беше мојот сон и сега е сосема нереално што следната година ќе возам покрај возачите на кои им се восхитував“, изјави Расел.
Вилијамс имаат славно минато со 16 титули кај возачите и конструкторите, но сега се во најлошата сезона во последните десетина години на последното место на табелата со само седум освоени поени. Расел ќе го замени Ленс Строл, кој следната година најверојатно ќе биде во Форс Индија, откако неговиот татко милијардерот Лоренс Строл го купи тимот, а не е јасно дали вториот возач на тимот, Русинот Сергеј Сироткин ќе го задржи местото.