Македонија

„Не сум судија, ниту обвинител, но очекувам одговорност од докторите кои направиле превид“, рече Таравари

Министерот за здравство, Арбен Таравари на денешната прес-конференција изјави дека Извештајот за починатото 14-месечно бебе е направен од професионалци кои Министерството за здравство ги назначило и е испратен од институциите.

„Извештајот е испратен до Специјалната болница Козле, Универзитетската Клиника за педијатрија и до Лекарската комора. Тие можат да поднесат жалби, но до овој момент кај нас не е стигната никаква жалба“, кажа Таравари.

Во однос на коментарот дека Клиниката во Козле нема респиратор, Таравари кажа дека таа болница имала респиратор, но е прераспределен во некоја клиника каде што, рече, имало повеќе потреба. Министерството треба да обезбеди што поскоро таму да има инвазивен респиратор, додаде тој.

На прашањето што ќе се случува со докторите кои направиле превид, тој кажа дека очекува одговорност.

„Не сум судија ниту обвинител, ангажирав Комисија која даде детален извештај што се случило. Извештајот е испратен до Клиниките, чекаме да видиме како ќе постапат директорите, ние можеме да постапиме врз директорите. Министерот не може да избрка од работа, Министерството треба да инсистира на директорите да бидат преземени мерки кон тие доктори што направиле превид“, изјави министерот Таравари.

Тој додаде дека се надева дека двајцата директори ќе преземат мерки. Министерот додаде дека не би сакал да има предрасуди во однос на тоа што ќе донесат, но очекува одговорност.

На почеток