ЈО да испита дали Шанси инвест послужила како параван за парите од МЕПСО да завршат кај функционери на СДС и ДУИ, бара ВМРО-ДПМНЕ
„Длабоките релации и разработените шеми за извлекување на милионски суми од МЕПСО се многу очигледни. Директор во МЕПСО од редовите на СДС и ДУИ доделил тендер во вредност од 10 милиони евра на фирма која е директно поврзани со него. Имено, тендерот од МЕПСО за набавка на уред за корекција на напонски профил на албанската компанија „Шанси Инвест“ заедно со Далековод АД Заегреб, им е доделен во период кога раководителот на комерцијалниот сектор на МЕПСО бил Мелаим Адеми“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„А, истиот овој Милаим Адеми, своевремено бил и управител на подружницата на Шанси инвест во Скопје.
Ова поврзаност ги отвара сомнежите дека албанската компанија послужила само за испумпување на пари од МЕПСО, каде што требало да заврши разликата од неколку милиони евра од првичниот договор, кој потоа бил изменет и дополнет, со единствена цел зголемување на вредноста на тендерот.
Од тука се поставува прашањето, колку пари од МЕПСО завршиле на сметка на Шанси инвест, која освен штанцање фактури за наплата, пред да ги префрли парите на фирмата производител, која во случајов е Далековод АД Загреб, нема никаква додадена вредност.
Друго, уште посуштинско прашање е во чии џебови и на чии сметки на лица од СДС и ДУИ требале да завршат парите од Шанси инвест од разликата во цените?
Затоа, го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да отвори истражна постапка за оваа јавна набавка на МЕПСО, да ги испита сите индиции и докази и да утврди дали Шанси инвест е параван фирма за наплата на милиони евра од функционерите на СДС и ДУИ“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.