Општина Гази Баба одбележа 48 години од своето постоење
По повод 3 Ноември, Денот на општина Гази Баба се оддржа свечена академија на која се обрати градоначалникот Бобан Стефковски.
Во обраќањето пред присутните, градоначалникот Стефковски се осврна на постигнатите резултати во изминатите три години од неговиот мандат, како и за плановите за престојната година.
„За да може да се направи разлика и да се даде оценка на времето кое е сега зад нас, потребно е да се вратиме на почетокот во 2021 година кога го добив мандатот за градоначалник.
Во моето обраќање на одбележувањето на денот на општината во 2021 година најавив нов почеток за Гази Баба базиран на четири постулати:
Да нема населено место во Општина Гази Баба без чиста вода за пиење;
Да изградиме нови училишни спортски сали и нова училишна зграда за општинското основно училиште Крсте Мисирков,
Да изградиме детски градинки за дечињата од Инџиково, Керамидница, Трубарево и Сингелиќ,
Да изградиме спортски терени и детски катчиња во сите населени места.
Најдобриот начин да ја предвидите иднината е истата да ја креирате. Пред 3 години кога ги поставив овие четири постулати, одлучив на себе да го превземам товарот за конечно да ги решиме децениските проблеми и да отвориме едно ново подглавје за нашата Гази Баба.” – истакна Стефковски.
Осврнувајќи се на состојбата денес, после три години од неговиот мандат градоначалникот Стефковски ги образложи реализираните проекти во секој од четирите постулати зад кој застанал во првата година од својот мандат.
„Заклучокот е едноставен: пред 3 години зборував за постулати, а вечерва зборувам за дела! Покажавме дека само со одговорна, чесна и посветена работа можат да се создадат дела.” – заклучи градоначалникот Стефковски.
На свечената академија беа доделени плакети за успешна соработка во 2024 година со општествено одговорни компании и организации на Алкалоид, Пивара, Макстил, Виталиа, МакАутостар, Државна Лотарија на Македонија, Либерти, СОС Детско село, Црвен крст Гази Баба, Здружение за промоција на мото културата Гардијан Енџелс, Општинскиот сојуз за училишен спорт на Гази Баба и Македонската Православна Црква – Охридска Архепископија. Дополнително за афирмација на општината, плакета добија и Гоце Саздов во областа на фолклорот и културата и 12 годишниот Никола Петровски кој во период од 2019 до 2022 година бил државен првак во шах, а веќе следната недела заминува на светско првенство во Италија.
На свечената академија присуствуваа пратениците во македонското собрание Жаклина Пешевска, Зоран Коцевски, Дијана Илиевска и Бојан Стојановски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, заменикот министер во социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, заменикот министер за локална самоуправа Ерџан Селими, градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески, директорот на ЈПДП Коце Трајановски и многу други гости.