Скопје

Нова дивоградба во Чаир узурпира државно земјиште – Ганиу продолжува по стапките на Меџити, обвинува Левица

„Во официјално најгусто населената општина во Европа – Чаир, јавниот простор забрзано се узурпира од страна на урбанистичката мафија, со амин и на актуелната власт. И новата коалиција, составена од ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ, ги штити моќниците во Чаир по примерот на владеењето на Изет Меџити, кој самиот призна дека како градоначалник незаконски, со антидатирање, легализирал дивоградби!“, обвинува Левица и додава:

Левица за јаноста открива нов скандал со дивоградба во општина Чаир, каде на државен имот и без одобрение за градба, фирмата „МАС КОНСТРУКЦИОН” ДОО Скопје, интензивно врши незаконски градежни активности наспроти стадионот во Чаир, додека надлежните институции не постапуваат. Иако група граѓани поднесоа барање за инспекциски надзор до овластениот градежен инспектор во општина Чаир, бидејќи инвеститорот работи без одобрение за градба, речиси два месеци нема никаква реакција по поднесеното барање. Дополнително, за ваквото флагрантно вршење кривични дела, поднесена е и КРИВИЧНА пријава до Основното јавно обвинителство, кое повеќе од три месеци не постапува, со што се пречекорени сите законски рокови за постапување, додека на местото речиси е “никната” новата зграда.

Потсетуваме дека дивиот инвеститор во Чаир врши две кривични дела: Бесправно градење и Узурпација на недвижности, казниви по член 244-а и 225 од Кривичниот законик. Иако сите надлежни институции, вклучително и градоначалникот Висар Ганиу, се информирани за ваквото урбанистичко дивеење, нивното непостапување потврдува само едно – дека се работи за криминал заштитен од највисоките ешалони на власта во општината со која владее коалициониот партнер на Мицкоски, ВРЕДИ.

Јавно прашуваме, дали Изет Меџити ја доби вицепремиерската функција во новата влада со единствена цел – градежните моќници да продолжат да дивеат во општината со која тој владееше 12 години? Дали ДПМНЕ и Мицкоски се обврзале пред коалиционите партнери дека нема да се “мешаат” во општините и ресорите кои се под контрола на ВРЕДИ, па оттаму власта го штити криминалот кој узурпира државно земјиште во центарот на Скопје?!

Токму општина Чаир стана рекордер по дивоградби додека градоначалник беше Изет Меџити,а истата пракса продолжува и со актуелниот градоначалник Висар Ганиу, овој пат под покровителство на ДПМНЕ. Очигледно е дека ветувањата за расчистување со криминалот и воспоставување владеење на право и правда беа само празни ветувања на ДПМНЕ, кои продолжуваат онаму каде што застана режимот на СДС и ДУИ.

На почеток