Македонија

Здружение на судии: Ставањето на „црната листа“ на САД на судија е сериозен удар за неговата чест и углед

По ставањето на судијата на Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, на „црната листа“ на САД се огласија од Здружението на судии. Повикаа на брзо разрешување на случајот, заради заштита на независноста и интегритетот на судската фела во земјава. Според Здружението, ставањето на „црната листа“ на САД на кој било судија е сериозен удар за честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт.

„Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред се со Уставот и законите на нашата земја, но и согласно меѓународните закони и препораките на Европската Унија и Соединетите Американски Држави како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо разрешување на случајот, пред се заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата“, велат од Здружението.

Судијата Енвер Беџети, кој од вчера е на „црната листа“ на САД, во јавноста ,, се прослави” по чувањето во фиока на предметот за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. За неразумно долгото чување на предметот, како што го утврди комисија на Судскиот совет, тој беше парично казнет шест месеци со 20 отсто од плата.

Поранршната претседателка на Судски совет, Весна Дамева кажа дека поради барањето одговорност и неунапредувањето на судијата и беше извршен „пуч“ и беше сменета од претседателското место.

Претседател на Здружението е претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев.

На почеток