Судскиот совет констатирал сериозни прекршувања во постапувањето на судијката Наташа Савовска-Димитровска во предметот „Телеком“. Поради тоа, таа најпрво била суспендирана, а потоа и разрешена. Прашањето дали во предметот постоел двоен записник, како што пред членовите на Судскиот совет тврдела нејзина колешка, Јетмире Ајдини, која исто постапувала во предметот, не е утврдено од Судскиот совет. Тие сметале дека за тоа треба да одлучи Обвинителството, кое води предистражна постапка. Ова е точната и целосна формулација на она што досега е утврдено во постапката што се води против судијката и нејзините колеги.
Во демантот испратен до редакцијата на „Скопје1“, Савовска-Димитровска преку адвокат тврди дека наводите за нејзина утврдена одговорност се „со невистинита и непроверена содржина, со намера да се создаде погрешна перцепција во јавноста за судиите и да се наруши нивниот углед“, при што дополнително наведува дека со објавувањето на текстот, редакцијата наводно задоволувала интереси на „Телеком“ и најавува кривична одговорност.
Во истиот демант, таа се заканува со кривични пријави против редакцијата на „Скопје1“ поради текстот во кој фокусот е ставен на работата на Судскиот совет и новоизбраните членови, а во кој, меѓу другото, како пример е споменат и предметот „Телеком“. Притоа, неосновано, клевети и обвинува дека текстот е за да се „задоволи интересот на Телеком“, за што ќе преземеме соодветна правна постпака.
„За волја на вистината и објективното информирање на јавноста, објавената вест дека постојат два записника е лажна и невистинита, односно во предметот постои еден единствен записник, изготвен и потпишан согласно закон“, се наведува во демантот.
Меѓутоа, ако се земе предвид Извештајот за констатираната состојба по предметот „Телеком“, изготвен од Судскиот совет и јавно достапен, јасно произлегува дека токму Обвинителството треба да ја утврди вистината. Во извештајот е наведено дека судијка која постапувала во истиот предмет, изјавила дека бил изготвен втор записник, бидејќи таа имала издвоено мислење, но дека, според нејзините тврдења, наместо новиот записник, во предметот завршил претходниот кој бил составен и потпишан, но не и искинат.
„Во конкретниот случај постојат неколку отворени прашања и различни изјави на судиите за суштински прашања, и тоа: дали е креиран записник на 11.07.2024 година во канцеларијата на судијата Н.С.Д., со издвоено мислење на судијата Ј.А.Б. за потврдување на првостепената пресуда. Имајќи го предвид фактот дека за да се даде одговор на дел од овие прашања е потребна детална истрага која е надвор од ингеренциите на Судскиот совет, работната група смета дека овој извештај треба да биде доставен до Основното јавно обвинителство Скопје“, стои во извештајот.
Од Обвинителството за „Скопје1“ потврдуваат дека по предметот веќе се постапува и дека се прибираат докази.
„Предметот е во фаза на предистражна постапка и се преземаат дејствија на прибирање вербални искази“, велат од Обвинителството.
Двете судијки, заедно со трета судијка, одлучуваа во судски спор стар повеќе од две децении, во кој интернет-провајдерот „Фокуснет“ од Штип кој ја тужеше компанијата „Телеком“. Апелацискиот суд донесе пресуда со која „Телеком“ треба да исплати отштета од околу четири милиони евра на штипската компанија. Судскиот совет констатираше одговорност кај судијките кои постапувале во предметот, при што две од нив – Савовска-Димитровска и Георгиева – беа разрешени. Тие поднесоа жалби до Врховниот суд, по што предметот беше вратен на повторно одлучување, а нивната судбина повторно е во рацете на Судскиот совет, сега и со новоизбрани членови.
Во овој контекст, редакцијата на „Скопје1“ оценува дека е досега невидено и нечуено суспендиран судија да се заканува со кривични пријави кон новинари и редакции, како и неосновано да обвинува за нарачано новинарство. Поради тоа, „Скопје1“ преку Здружението на новинари на Македонија ќе поднесе соодветни претставки и пријави, оценувајќи го ваквото постапување како сериозен притисок и обид за заплашување што може да влијае врз слободата на медиумското работење. Дополнително, со правниот тим, редакцијата ќе одлучи кои други правни механизми ќе ги искористи за заштита на својот интегритет од паушалните и лажни обвинувања што доаѓаат од суспендиран судија, за постапка која е јавна и целосно проверлива преку јавно достапната документација, а во која целосно е споменато и името на судијата (страна 5).
Во претходно објавениот текст, „Скопје1“ се осврна на улогата и угледот на Судскиот совет во општеството, на случувањата поврзани со неговото работење низ годините, како и на повеќе чувствителни и јавно следени предмети, меѓу кои и „Телеком“, за кои во јавноста постоеле наводи, сомнежи и утврдена одговорност.
Нови имиња во Судскиот совет, а стари сомнежи во правосудството
Судскиот совет на Македонија повторно се најде во фокусот на јавноста – институција што со години се соочува со сериозни критики, скандали и рекордно ниско ниво на доверба кај граѓаните, а која сега доби два нови члена по предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. За нови членки на Судскиот совет беа избрани професорката по право Арлинда Кадри-Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, во момент кога ова тело се наоѓа под силен притисок од јавноста и под лупа поради сопственото работење.Судскиот совет, како клучна институција во системот на судската власт, со години е симбол на нефункционалност, кавги, внатрешни табори. Не така одамна, самите тогашни членови на ова тело, незаконски го разрешија сопствениот претседател. Според перцепцијата на граѓаните, довербата во ова тело е сведена на симболични два проценти – податок што често се споменува во јавноста како илустрација за длабоката криза во која се наоѓа целиот правосуден систем. Претседателот Александар Камбовски, смета дека довербата е драстично повисока и дека тие два проценти се извадени од контекст. Во Советот со години се акумулираат десетици претставки и предмети против судии, кои или се разгледуваат со години или остануваат без јасен и транспарентен исход, што дополнително ја разјадува вербата во правосудните институции. Некогаш пак, исходот од претставките, како изрекување на парична казна наместо построга санкција како разрешување на судија – дополнително влијае за песимизмот.Еден од најекспонираните случаи во кои директно се отвори прашањето за одговорност на судии е предметот „Телеком“, каде што се инволвирани судијките Наташа Савовска Димитровска, Роза Георгиева и Јетмире Ајдини од Апелацискиот суд Скопје. Во овој спор, стар повеќе од две децении, интернет-провајдерот Фокуснет од Штип ја тужеше компанијата Телеком, а Апелацискиот суд донесе пресуда со која Телеком треба да исплати отштета од околу четири милиони евра на штипската фирма. По разгледувањето на предметот, Судскиот совет утврди сериозни прекршувања и недоследности во постапувањето на Апелација, меѓу кои и постоење на два записника од исто рочиште, од кои едниот, според наодите, бил лажен. Советот констатираше одговорност кај судијките што постапувале во предметот, при што две од нив – Савовска Димитровска и Георгиева – беа разрешени. Тие се жалеа во Врховен суд, па предметот се врати на повторно одлучување. Сега повторно нивната судбина е во рацете и на новоизбраните членки на Судскиот совет. Паралелно, Основното јавно обвинителство отвори предистражна постапка за можни неправилности при донесувањето на пресудата, што дополнително го отвори прашањето за интегритетот и одговорноста во судството.Вториот случај што силно одекна во јавноста и повторно го стави Судскиот совет под притисок е поврзан со обвинувањата изнесени од Драганчо Стоименов, познат како Дацо Белски, поранешен телохранител на Сашо Мијалков и Никола Груевски. Во поткастот Претрес со Ландов, Белски јавно тврдеше дека од неговата поранешна сопруга биле побарани 5.000 евра, откако нему му била определена мерка притвор од судијата Спиро Борисов од Основниот суд во Кочани. Овие тврдења се официјално пријавени и до Судскиот совет, кој е должен да постапи по наводите и да утврди дали постои дисциплинска или друга одговорност.Сите овие случаи, заедно со низа претходни контроверзии, ја ставаат институцијата Судски совет во исклучително незавидна позиција. Изборот на нови членки се случува во момент кога јавноста очекува не декларативни заложби, туку конкретни резултати, јасни одлуки и видлива одговорност. За граѓаните, Судскиот совет одамна не е апстрактно тело, туку институција што директно ја симболизира состојбата на правдата во државата.Дали новиот состав ќе донесе суштинска промена или ќе продолжи континуитетот на недоверба и сомнежи, останува да се види. Но едно е јасно – Судскиот совет е на сериозен тест пред јавноста, а просторот за нови грешки е практично исцрпен.
Македонија | пред 1 седмица