Левица со кривична против пратеникот Велјановски, го нарекуваат „насилник“
Левица поднесе кривична пријава за Александар Велјановски од ДПМНЕ за кривично дело – Несовесно работење во службата, казниво по чл. 353 – в, од Кривичниот законик. Причината е тоа што насилникот Велјановски го прекрши Деловникот на Собранието и го прекрши уставното и законско право на говор на пратениците на Левица во однос на расправата за Законот за царинска управа.
„Ова се случи кого мнозинството поднесе измени на Законот за царинска управа, со кои се предвидува уште дополнително заменик-директорско место, коешто требаше да ги задоволи апетитите на коалицијата. Односно, покрај директорското место договорено за ДПМНЕ и заменик-директорското за ВРЕДИ, да се обезбеди уште една ваква позиција за да се задоволат апетитите на ЗНАМ.
Левица тогаш поднесе 2673 амандмани. Согласно Деловникот, матичната комисија и Законодавно-правната комисија, пратениците имаат рок за расправа од по три дена од отворањето на расправата. Но, спротивно на Деловникот, претседателот на Законодавно-правната комисија од ДПМНЕ Велјановски, кој воедно е и човекот кој во Собранието имаше обид физички да се пресмета со Димитар Апасиев, одлучи расправата да трае само петнаесет минути.
И покрај тоа што со новиот Деловник, практично е невозможно да се блокираат штетните закони од коалицијата на власт, насилникот Велјановски одлучи да го ускрати дури и правото на пратениците од опозицијата да го искажат своето мислење и образложат амандманите. Очекуваме институциите да се одважат по оваа пријава, затоа што во спротивно, ова би било поддршка за насилничкото носење на закони од власта, без никаква политичка или институционална контрола“, вели Левица.