„Не е страшно што лаже, туку тоа што мисли дека е оправдување првата помисла кога ќе видиш усмртено животно да ти е ‘Еј леш, сликај ме одма’“
Низа реакции донесе оправдувањето на заменик-директорот на ЈП „Македонијапат“, Сашо Дранго, кој кажа дека се фотографирал со убиената мечка, откако таа била прегазена од автомобил. Новинари, јавни личности, критичари дадоа свој осврт.
„Тоа што МВР нема регистрирано сообраќајна несреќа во која имало мечка во декември, не е битно. Уште понебитно е што мечкава не е на пат, туку во шума. Има ич не е ни битно што заменик директорот на Македонија пат службено онака си се шета со пушка. И си позира со мртва мечка „настрадана во сообраќајка“. Што правел, ја влечел од патот до шумата и ја врзал околу вратот само за да се слика, за да биде поубава позадината? И да, најстрашно е што ова ќе му помине, и наредниот пат кога службено ќе отстранува мечка од патот“, напиша Мери Јордановска, новинарка.
„Не е страшно то шо лажит, колку шо е страшно то шо мислит дека е нормално оправдување првата помисла од ко ќе најш усмртено животно на пат да ти е: “Ееееј види леш..сликај ме одма!”“, напиша Иљче Затаракоски, критичар.
„Заменик директорот наоружан и службено тргнал да отстранува умртвена мечка од сообраќајна несреќа кој патем не е пријавена како предизвикана од мечка. Ја влечел, тегнел до шумата и ја обесил на дрво за да се слика со неа. Од кога вторите луѓе по хиерархија во институции одат лично да собираат лешеви од улици? И од кога вработените на Македонија пат на работа носат пушки? Абе кого лажете вие?“, напиша Гизела Бошковска.
„Наместо фала да кажете, можеби уште некоја кола ќе се излупала на мечката!!!! Плус мажиште пола тон го дигна. Пушката ја носел за сваки случај. Добро мисли ли со тимбата дека лагиве се лесно проваливи. На пример, никаде во билтен на МВР не е пријавено дека некој лупнал мечка, валда не лупаат секој ден“, напиша Јанаки Митревски, адвокат.
„Лошо продолжува оваа 2025-та. Наоружани ловџии сликани со уловен трофеј-мечка, се вадат дека имале сообраќајка со дотичната мечка, потоа натчовечки извлечкана во шума“, напиша Ивор Мицковски.