Администрацијата протестира: Покачување од 30 отсто на платите што почнуваат од 25.010 денари
Почнувајќи од 14 јануари вработените во министерствата за екологија, земјоделство, за дигитална трансформација, правда, култура, економија и труд, транспорт, Државниот завод за статистика и Архивот почнуваат со протести. Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, посочи дека ги избрале овој датум, бидејќи се совпаѓа со закажаната седница на Владата, на која апелираат да се дискутира за додатот на плата од 30 отсто и конечно да се реши овој долгогодишен проблем.
„Иако предлог-колективните договори беа доставени до Министерството за финансии пред носењето на државниот буџет за 2025 година, од за нас неразбирливи причини Министерството за финансии не одобри средства за потпишување колективни договори. Висината на платите на вработените во институциите што денес протестираат почнува од 25.010 денари. Просечната плата во овие институции изнесува приближно 29.000 денари, а просечната плата во државата е 42.124 денари. Додатокот што го бараме од 30 % значи дека вработените би добиле 6.000 денари, износ што би бил зголемен на нивната плата, но и покрај тоа, сите вработени ќе бидат под просекот на државата. Ова наше барање е старо повеќе од четири години. За овој додаток на плата сме протестирале и сме штрајкувале со години, но, за жал, ниедна влада досега не го слушна нашиот глас“, рече Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ).
Синдикатот УПОЗ е на став дека вработените во министерствата кои почнаа со протест се дискриминирани во однос на нивните колеги од Службата за општи заеднички работи на Влада, Генералниот секретаријат, Министерството за здравство, образование, финансии кои ги добија 30 те отсто.