Македонија

Претседателката до дипломатите: ЕУ треба помалку да наредува, а повеќе да убедува

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор, што го приреди вчеравечер во Скопје.

Во своето обраќање на приемот, претседателката Сиљановска-Давкова им посака ним лично и на нивните сакани, на нивните држави и нации, на ЕУ и на европските граѓани, сè најдобро во 2025 година. Таа потенцираше дека токму тие – дипломатите ги персонифицираат значењето и моќта на традиционалната дипломатија како цивилизациски механизам што опстојува со векови, успевајќи да обединува, да гради сојузи и пријателства, да кова мир.

„Лично, верувам не само во традиционалната дипломатија, туку и во културната, економската, спортската. Лично, не ја разбирам дипломатијата како „земи или остави“, туку како уметност на можното, па дури и неможното. Лично, преферирам зелени маси пред зелените војнички униформи. Лично, предност ѝ давам на битката со аргументи одошто со оружје. Лично, верувам во идејата на европското обединување како филозофија на мир“, нагласи Претсеателката.

Доајенот на дипломатскиот кор, словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш во своето обраќање на приемот им посака на присутните добро здравје, просперитет и успех во професионалниот и личен живот.

Го стави доброто здравје на прво место како непроценливо и неопходно за исполнување на сите други желби.

Амбасадорот Маркуш ѝ оддаде почит на претседателката Сиљановска Давкова за нејзините извонредни напори во поддршката на иницијативите за помош на онколошките пациенти и другите ранливи групи и замоли за аплауз во знак на признание.

Тој истакна дека на нашата држава не ѝ е потребна инвестиција – брендирањето се наметнува само посебе бидејќи може гордо да биде позната како „најпријателската земја во светот“, која зрачи со нејзиното гостопримство, одлично вино и срдечни луѓе.

Во таа насока, амбасадорот посака нашата држава ова да го пренесе во сите сфери на делување со своите меѓународни партнери, пријатели и сојузници, особено во развојот на економските врски и деловните односи со нив.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитуван Министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски,
Почитуван Aмбасадорe Хенрик Маркуш, доајен на дипломатскиот кор во Република Северна Македонија,
Ваши екселенции,
Дами и господа, наши пријатели,

Денешниов собир е извонредна пригода да ви посакам сè најдобро во 2025 година, вам лично, на вашите сакани, на вашите држави и нации, на ЕУ, на европските граѓани. Вие ги персонифицирате значењето и моќта на дипломатијата, како неопходен цивилизациски механизам што ги преживеал вековите, успевајќи да обединува, да гради сојузи, па и пријателства, да кова мир. Лично, верувам не само во традиционалната дипломатија, туку и во културната, економската, спортската. Лично, не ја разбирам дипломатијата како „земи или остави“, туку како уметност на можното, па дури и неможното. Лично, преферирам зелени маси одошто зелени војнички униформи. Лично, предност ѝ давам на битката со аргументи одошто со оружје. Лично, верувам во идејата на европското обединување како филозофија на мир.

Ние, како држава, рамноправна наследничка на Федеративна Југославија, веќе одбележавме 30 години од воспоставување дипломатски односи со вашите држави, но и со меѓународните организации. Тоа не е премногу долг период, но е доволен за да може да се извлечат релевантни заклучоци, но и значајни поуки, да се евалуираме, но и валоризираме самите себе, да научиме многу работи, односно лекции, но и да оценуваме односи и искуства, и да проектираме односи и активности.

Благодарност до сите амбасадори со кои сум се сретнала за коректните односи, за дипломатското, но и човечко разбирање на проблемите со кои се соочуваме.

Во вакви неформално-формални прилики имаме можност заедно, собрани тука, помалку дипломатски да зборуваме за дипломатијата, свесни за нејзиното значење и важност во ова време-невреме, на ум ми доаѓаат мисли од „Збогум оружје“ и „За кого бијат камбаните“ на Хемингвеј, гледајќи слики што ме потсетуваат на „Герника“ на Пикасо или на стиховите на Лорка: „Мојата поезија е игра, мојот живот е игра, ама јас не сум игра“. Годинава ќе славиме осумдесет години од формирањето на ООН, како гаранција за мир и за мирно решавање на споровите, а ни се случува војна. Значи, посакувам договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас да прерасне во договор за траен мир и војната да не се повтори. Посакувам Венера, наместо Марс, да го управува светот. Ова важи за целиот Близок и Среден Исток, но и за Русија и за Украина, како и за афричкиот континент!

Во мислите ми навираа основните причини за формирањето на Европската заедница: мирот меѓу Франција и Германија, европската архитектура, како мировен проект. А, во моментов војуваат европски држави: Русија и Украина. И веднаш ми се наметнува дилемата: Дали изворот е бистар или нешто го поматило? Ќе цитирам еден од татковците на Европската заедница, Жак Делор којшто мудро и пророчки ги исцрта контурите на иднината на Европа. Да, почитувани, мудрите се и визионери, тие размислуваат за она подобро што треба да дојде, а ние сме дел од тоа. И имаме должност да се навраќаме на пораките од европските татковци. Тој вели: „Наше е да ставиме месо на коските на Заедницата и, се осмелувам да предложам, да ѝ дадеме уште малку душа“. „Разновидноста на Европа ја прави неверојатно богата. Оваа различност мора да се зачува за да може да вроди со плод за општо добро“. Душата за мене се принципите и вредностите на ЕУ, филозофијата на ЕУ, метафизиката на ЕУ, јасно изразена во Преамбулата на Договорот за ЕУ и во Преамбулата на Лисабонскиот договор, но и во Повелбата за фундаменталните права!

Ако сака ЕУ да биде навистина инспиративен демократски политички систем, или како што вели Сајмон Хикс „неидентификуван политички субјект“, мора повеќе да убедува, а помалку да наредува на патот на политичкото обединување на државите кои се нејзин природен дел: географски, историски, културно.

Во 21 век, во време на постоење на ООН, Меѓународниот суд на правдата, Меѓународниот кривичен суд, Советот на Европа, Судот во Стразбур, ЕУ, Судот во Луксембург… хипокризија е да се повторува и да се дејствува по формулата: силните го прават тоа што можат, а слабите, тоа што мораат.

ЕУ немаше стратегија за Западниот Балкан, категорија што се појави на крајот на деведесеттите, како чудна, геостратешка кованица: земјите на бивша Југославија, минус Словенија, плус Албанија, па минус Хрватска, плус Косово… движечка географија за периферијата на Европа.

Како да не е научена лекцијата од крвавиот распад на Југославија, кога ЕУ доцнеше, а САД стигнуваа први.

Ние како држава, како македонска нација, се препознаваме во овие тешки како камен монументални зборови на Делор и без никаков нарцизам или претерување, се сметаме себеси за онаа душа што настојуваме да ја споиме со коските на Унијата. Тоа го сакаме, тоа е нашата стратегиска цел за која напорно се бориме повеќе од 30 години.

И Европската конвенција за фундаментални права како еднаква по важност и по сила на Лисабонскиот договор, од уставен карактер документ, во Преамбулата вели дека ЕУ ќе ги почитува различните култури и традиции на европските народи и на националните идентитети.

Токму ова се нашите темелни принципи и јас, како претседателка на Републиката, се залагам за нивно почитување. Или сме еднакви или не сме.

Повеќепати сум цитирала изјави за Европа како недовршена симфонија и би сакала да кажам во духот на музиката, оти ова “Four Seasons” ме потсетува на Вивалди, а нам музиката особено ни лежи како нација, а дипломатијата може да има и Орфеизам во себе. Македонската музика, мелосот ја обележува седумосминскиот такт, но таа е и ГАЈДАТА, сега заштитена и од УНЕСКО како светско културно наследство. А тој инструмент не е изработен од вчера, има длабоки корени во историското наследство. Тоа можеме да го дадеме и го даваме. Тоа е нашата духовна вертикала во европската и во светската дипломатија. Иако сме мала држава, сакаме да бидеме препознаени по нашите специфичности. И тоа е, сепак, нешто ново, ние ви го даваме како можност за дипломатски преговори, наоѓање компромиси, почитување на дипломатскиот такт, кој не е базиран на диктати и преседани, туку на рамноправност, принципи и фундаменти. Нашите песни, не случајно се често тажни, а ората тешки, па едно од најпознатите се вика „Тешкото“.

Посакувам во 2025 да ни биде овозможено да тргнеме кон европскиот политички дом каде што географски, историски и културно сме биле и сме. Ако Западниот Балкан е „Ахилова пета“ за поетски настроените западни политичари, тогаш треба да се грижат да не биде погоден од некое оружје. Посакувам, во името на сите граѓани на крилјата на Реформската агенда да се европеизираме по мерка на Копенхашкиот модел! Балканот е природен дел на Европа, членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе овозможи крај на опасноста од дестабилизација и балканизација! Дипломатијата има особено важна улога да ги препознае негативните трендови кои се сериозен предизвик за Европа како зона на траен мир, во Кантова смисла на зборот.

Значи, членството во ЕУ беше и останува врвен македонски државен интерес и приоритет. Брисел е македонската стратешка дестинација.

Ама, ако правото на живот е основното човеково право, да не заборавиме. На нашиот континент уште беснее руско-украинската војна во која има многу човечки жртви, разурнувања, употреба на суперсонични оружја, дронови, користење на вештачката интелигенција во воени цели. На Блискиот Исток, исто, на прагот е примирје меѓу Израел и Хамас. Неизвесна е состојбата во Сирија. Ние од почетокот на руската воена операција застанавме на страната на Украина, мислиме дека е тоа не само заради единствената европска политика, туку принципиелно. И прашувам – што стана со меѓународното право, меѓународните организации, меѓународните судови? До кога ќе се повикуваме на Тукидит, наместо на Кант, често прашувам? Зарем не сте вие дипломатите кантовци, а не макијавелисти? Зарем не сте вие врвни промотори и бранители на мирот?

Секако дека мораме да размислуваме и на нашата одбрана. Ќе потсетам на еден голем германски политичар, Хелмут Кол, којшто изјави: „Русија е најважниот сосед на Германија на Исток и тоа и ќе остане“. Мисли ли вака и Путин, се прашувам?

Да ја вратиме улогата на Обединетите нации, како гарант на светскиот мир и поредок. Глобални предизвици се и климатските промени, миграциите, ревизијата на историјата, антисемитизмот… да не го повторувам она што го кажав во Њујорк: неопходни се длабоки реформи на Светската организација, којашто не смее да ја доживее судбината на Лигата на народите. ООН доби Нобелова награда за мир, а ѝ се случуваат војни!

Ви посакувам проактивен дипломатски престој, успешна дипломатска година, плодна работа, заснована врз заемна почит и соработка на сите полиња!

Јас, пак, имам скромни желби за: пристојна, досадна европска, правна држава, со демократски политички систем заснован на поделба на власта и ефикасни спреги и кочници; со независно судство втемелено на владеењето на правото и посветено на заштитата на човековите права, што ужива доверба кај граѓаните; почитувани малцинства и заштитени ранливи групи, општество на рамноправни граѓани, здрава животна средина, компетитивна пазарна економија; развиен граѓански сектор; силни и стабилни институции; меритократска администрација од Веберов тип, лојална на Уставот и на законите, а не на партиските патрони, одговорна власт, Уставен суд којшто ќе ги штити уставноста и законитоста и основните човекови права; објективни и одговорни медиуми, квалитетно образование во сите степени, стимулирана наука, респектирана култура, поддржуван спорт, развиен здравствен систем, социјална држава. Со една реченица: Задоволни граѓани.

Уште еднаш: 2025 нека биде Ваша Нова година, онаква каква сте посакувале, година што ќе ја помните по ДОБРО!

На почеток