Трамп спрема царини: Европската унија се однесува многу, многу лошо со нас, тие ќе мора да се соочат со тарифи
Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе воведе царини за Европската унија. Трамп рече дека ЕУ и другите земји имаат загрижувачки трговски суфицит со САД.
„Европската унија се однесува многу, многу лошо со нас. Значи, тие ќе мора да се соочат со тарифи. Тоа е единствениот начин да се постигне правичност“, рече Трамп.
Трамп изјави дека размислува да воведе царина од 10 отсто за увоз на кинески стоки веќе од 1 февруари. Во претходните изјави за новинарите во Белата куќа, тој ја оправда оваа мерка со тврдењето дека Кина испраќа фентанил во САД преку Мексико и Канада. Овие изјави следеа по заканите на Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто на увозот од Мексико и Канада.
Еврокомесарот за трговија Марош Шефчовиќ вчера му подаде рака на помирување на Вашингтон, само два дена откако американскиот претседател положи заклетва. Во интервју за Политико, Шефчовиќ рече дека Брисел е подготвен да соработува со новата администрација во Вашингтон – и покрај постојаните закани на Трамп дека ќе воведе царини за стоките од 27-члениот блок.
„Многу внимателно ги следиме пораките што доаѓаат од Белата куќа“, рече Шефчовиќ во своето прво интервју по преземањето на функцијата во декември, говорејќи на маргините на Светскиот економски форум. „Нашата порака е јасна: подготвени сме за дијалог. Сакаме да ставиме пакет на соработка на маса и отворени сме да разговараме за сите прашања што ги мачат нашите американски партнери. На тоа можеме да изградиме соработка.
Царинските закани на Трамп предизвикаа загриженост во Брисел и меѓу владите ширум Европа во време кога економијата на континентот е ослабена. Неговото ветување дека ќе воведе високи царини за Кина предизвика стравувања дека евтините кинески производи, кои инаку би завршиле на американскиот пазар, би можеле да го преплават европскиот.
Изјавите на Шефчовиќ, во кои тој изразува подготвеност за отстапки, се надоврзуваат на планот на Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија, која во вторникот испрати суптилна порака до Трамп. Иако не го спомна директно, таа посочи дека ЕУ има бројни можности, меѓу кои и зајакнување на соработката „не само со долгогодишните партнери со слични ставови туку и со сите земји со кои споделуваме интереси“.
Фон дер Лајен веќе сугерираше дека еден начин да се одврати Трамп од новите царини може да биде зголемување на увозот на американскиот течен природен гас. Друга опција за стекнување наклоност кај Вашингтон би била купувањето американска воена опрема.
Иако Трамп сè уште не ја исполнил својата закана дека ќе воведе универзални царини, откако ја презеде функцијата тој продолжи да ја критикува ЕУ, обвинувајќи ја за голем трговски дефицит меѓу двете страни на Атлантикот.
„Воопшто не ги увезуваат нашите автомобили. Едвај ги купуваат нашите земјоделски производи. Тие земаат многу малку. Имаме трговски дефицит од 350 милијарди долари со Европската унија. Тие не третираат лошо, и затоа ќе мора да се соочуваат со царини“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
Шефчовиќ, претставник на Европската комисија познат по својата смиреност, не дозволи да биде испровоциран. „Овој однос е толку важен и вреден што мораме да го зачуваме. Треба да се фокусираме на тоа како дополнително да го подобриме“, нагласи тој, истакнувајќи дека трансатлантската соработка сочинува повеќе од 40 отсто од глобалниот бруто домашен производ.