Македонија

Останаа замрзнати парите на САД за проектите во Македонија, одмрзнати се само тие кои се трошат за американските граѓани

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денеска (29 јануари) ја повлече сеопфатната директива за запирање на федералните заеми, грантови и друга финансиска помош, посочи претставник на Белата куќа. Портпаролот на Белата куќа, Каролина Ливит денеска изјави дека меморандумот од Канцеларијата за менаџмент и буџет на САД (OMB) за замрзнување на федералните заеми и друга помош е укинат, но дека самото замрзнување останува на сила.

„Ова не е поништување на замрзнувањето на федералните средства. Тоа е едноставно поништување на меморандумот ОМБ. Зошто? За да се стави крај на секоја конфузија создадена со судската забрана. Извршната наредба на претседателот (Доналд Трамп) за федерално финансирање останува во сила и строго ќе се спроведува“, соопшти Ливит преку платформата Икс.

Одлуката се однесува на федералните финансиски средства кои се трошат за американски граѓани додека не се однесува на забраната за исплата на проекти во странство меѓу кои се замрзнати и проекти во Македонија, во државниот сектор, во локалната власт, во образованието и во невладиниот сектор. Во Македонија има околу пет проекти коис е финансираат преку САД, од кои некои се и телевизиски емисии.

Трамп денеска рече дека целта на привременото замрзнување на финансирањето на одредени несуштински програми е да и се обезбеди на владата доволно време да утврди дали има случаи на измама, расипничко или неоправдано трошење на јавните пари. Тој рече дека декретот ја стопира исплатата на 1,7 милијарди долари на странски организации.

На почеток