Македонија

Адеми од Судски совет сакаше со анкета да докаже дека судиите имаат поголема доверба од 2%, а откако им е најавено разрешување

Членот на Судскиот совет Селим Адеми кој се поврзуваше со судијата Енвер Беџети (дел од црната листа на САД), а стоеше зад „пучот“ на експретседателката Весна Дамева, побара од буџетот на Советот да се издвоеле пари за анкета за доверба во судството бидејќи не верувал во таа која утврди дека граѓаните имаат верба во судиите и обвинителите од едвај од 2 отсто. Предлогот на Адеми не доби поддршка, зашто невладините кои ја следат работата на судовите, веќе спровеле таква анкета, а резултатите ќе ги објават денеска.

„Предлагам да се одвојат пари во буџетот на Судскиот совет за правење на анкета за довербата во судството бидејќи го слушаме само најлошото од другите институции. Реално довербата во судството не беше 2%, беше околу 20%, па предлагам да одвоиме пари и сами да направиме истражување на јавното мислење, па да видиме колкав е процентот на довербата на граѓаните. Ќе знаеме точно колку е довербата во судство, колку е довербата на судски совет и дефинитивно, да не се шпекулира со бројки, 2, 4, 11, 24. Тогаш ние ќе излеземе точно конкретно и може да кажуваме колку ни е процентот на доверба. Вака само слушаме од други институции што прават анкети и се прикажува само најлошото“, рече Адеми.

Распуштањето на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието е една од мерките која ќе ја преземеме со цел исполнување на ветувањето кое го дадовме за подобрување на работата на судско-обвинителскиот совет, најави премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека сега Собранието има можност да ја активира оваа опција и да ги распушти тие членови.

„Граѓаните очекуваат акција од нас. Нелогично е тој што ги бира да не може да ги отповика, посебно во услови кога не им го прифаќа извештајот за работењето. Така што, ги гледаме сите овие законски можности, се разбира дека ние нема да правиме ништо што е спротивно на законот и Уставот“, рече Мицкоски.

На почеток