Судијката која му судела на возачот за дрога разрешена од работната група за измени на Кривичниот законик
Министерот за правда, Игор Филков, ја разреши судијката Даниела Алексовска Стојановска од работната група за измените на Кривичниот законик. Станува збор за судијката која му досудила воспитна мерка на возачот Васил Јованов кој ја усмрти Фросина Кулакова на пешачки премин.
„Донесов одлука да ја разрешам од членство од работната група, судијата чие име ја бранува јавноста. Таа беше во работната група за измените на Кривичниот законик, со кои очекуваме да се отстранат штетните последици од измените во 2023 година. Ова го правам со цел да не се дискредитира процесот започнат за реформите во правосудството. Загриженоста ја упатувам бидејќи сметам дека е крајно време надлежните институциите да преземат мерки за утврдување на виновниците и нивна одговорност“, рече министерот за правда, Игор Филков.
Тој кажа дека граѓаните очекуваат правда, а институциите се должни да ја испорачаат.