Македонија

Судијката Алексовска Стојановска засега не треба да стравува дека ќе ја гонат или разрешат поради случајот на Васил Јованов со дрогата

Судијката Даниела Алексовска Стојановска која му досудила воспитна мерка наместо затвор на возачот Васил Јованов во предметот со дрогата, засега не треба да стравува дека ќе ја гонат или разрешат. Ова е заклучокот од одговорите на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и претседателот на Судски совет Александар Камбовски. Коцевски кажа дека немаат отворено предмет оти нема ниту сомневања дека судијката сторила кривично дело.

„Во моментот немам сознанија дека е отворен предмет против судијката, затоа што во овој момент немаме никакви евентуални докази за некакви индиции, односно сомнение во однос на оваа судијка. Нема елементи и индиции за сторено кривично дело. Доколку има, Јавното обвинителство стои на располагање“, рече Коцевски.

Претседателот на Судски совет Александар Камбовски, прашан конкретно за судијката Алексовска Стојановска и дала изрекла преблага казна во случајот со дрогата и Васил Јованов, тој истакна дека не е запознаен со случајот, кои биле доказите. Напомена рече дека ќе се разгледува секој случај каде има пропусти.

„Сигурно дека ќе се разгледува, секаде каде што има пропуст ќе се санкционира. Сите се залагаме за владеење на правото. Не познавам никој што се согласува со вакви состојби да ни се случуваат“, вели Камбовски.

Претседателката на Академијата за судии и обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски, прашана дали оценува дека има можна одговорност кај судијката за случајот со Васил Јованов, претседателката на Академијата за судии и обвинители рече дека лично ја познава судијката (Алексовска Стојановска), која, како што рече, е една од подобрите во својата работа.

„За одговорност на судијката сега не би требало да станува збор. Лично ја познавам судијката, навистина е професионална и една од подобрите во својата работа. Работи во согласност со законите, а сепак тоа е одлука на Судскиот совет“, изјави Трајкоска-Стрезоски.

Судиите носат одлуки според слободно судиско уверување, а согласно доказите. Тие индивидуално можат да оценуваат олеснителни и отежителни околности. Па така, одговорност кај судијката нема да може се утврди во делот на висината на казната. Но, доколку судијката направила некакво прекршување на законите и била пристрасна при одлучувањето поради нејзини лични конекции со обвинетиот или родителите – тоа прашање може да го разгледува Судскиот совет кој ја именува.

На почеток