Коментари

„На ТикТок се шири многу опасен Парацетамол предизвик!“, алармира доктор Беќаровски

Докторот-токсиколог Нико Беќаровски алармира дека на „Тикток“ се шири нов опасен предизвик кој го практикуваат младите. Тој сподели објава од швајцарски медиум со наслов „’Парацетамол предизвик’ на TikTok ги засега швајцарските лекари“.

Од почетокот на оваа година на платформата ТикТок кружи нов многу опасен предизвик меѓу младите, ВНЕСУВАЊЕ НА ГОЛЕМИ ДОЗИ ПАРАЦЕТАМОЛ! Почитувани, колку и да звучи чудно, труењата со парацетамол се меѓу најсмртоносните труења со лекови. Дури и мали дози 10-15 таблети предизвикуваат оштетувања на црниот дроб. 20-40 таблети предизвикуваат сериозни труења и оштетувања на црниот дроб, а труењата со над 50 таблети многу често завршуваат со смрт, дури и при интензивно лекување. Секоја година 30-50% од акутните трансплантации на црниот дроб во САД и Европа се прават поради труења со овој лек! Затоа контролирајте ги вашите деца, рпед да ни се случи нова трагедија! Ако сепак се случи труење а не се поминати 2-4 часа веднаш дадете 10 таблети медицински јаглен и АЦЦ (2 кесички) и веднаш побарајте лекарска помош. Секундите некогаш значат спасен или изгубен млад живот“, напиша докторот.

Во новинарската статија на швајцарскиот медиум стои дека неколку кантони во западна Швајцарија предупредуваат на опасниот „Предизвик со парацетамол“ кој моментално неконтролиран на социјалните медиуми како што е ТикТок.

„Ова вклучува млади луѓе да се предизвикуваат меѓусебно да земаат високи дози на лекот против болки парацетамол – често со фатални последици. Здравствените власти на кантоните Фрибург, Јура и Вауд во четвртокот го предупредија населението за ризиците од оваа практика. Се повикуваат аптеките да бидат повнимателни при продажбата на овој лек на младите луѓе, објавија кантоните. Парацетамолот е еден од најчесто користените лекови против болки во светот. Активната состојка е содржана во бројни лекови како што се Парацетамол-Мефа, Дафалган, Панадол, Неоцитран, Алгифор и други. Токсичноста на активната состојка може да доведе до тешка хепатална инсуфициенција доколку се користи неправилно и може да биде дури и фатална во случај на предозирање. Првите знаци на труење може да се појават дури 24 до 48 часа по ингестијата. Знаците на труење вклучуваат абдоминална болка, гадење, проблеми со координацијата и жолта кожа. Се чини дека предизвикот за голтање високи дози на лекови против болки е тренд кој се повторува на социјалните мрежи. Неколку европски земји веќе издадоа соодветни предупредувања во летото 2023 година“, стои во објавата на швајцарскиот медиум.

На почеток