Македонија

Палевски: На овие снимки кои се манипулирани и не се веродостојни, јас себеси не се препознавам

Љупчо Палевски-Палчо тврди дека последен пат со другите обвинети се видел во мај, а не ден пред да биде грабнат и убиен Панче Жежовски. Според него, датумите на снимките кои ги презентираше обвинителството се манипулирани. Тој тврди дека на снимките не се гледа дека тој има микрофон на него, не коментирајќи го делот дека носи слушалка.

„Овие материјали кои денес беа презентирани, не се веродостојни и се манипулирани, манипулирани се датите, јас во присуство на тројцата сообвинети сум бил прв и последен пат на петти мај, не на 22.11.2023 година. Комоцијата на обвинителството во презентирање и наметнување на лажни докази, како на пример дека на црната јакна се гледа црн микрофон на јакната, во ноќен режим камери, тоа е невозможно. Јавното обвинителство е претворено во медиумски деск. На овие снимки кои се манипулирани и не се веродостојни, јас себеси не се препознавам, вели Палевски.

Тој посочи и дека не е возможно да нема ДНК во возилото „Рено кангу“ ако тој бил во него.

„Невозможно е да управувам 120 км со возило, а да не оставам ниедна ДНК во возилото. Во исто време, кога сум патувал од Белград кон Турција во „ренџ ровер“ сум оставил 7 примероци на ДНК. Следи мојата одбрана и се надевам судот ќе ми дозволи целосно да ја изведам за да ги демантирам лагите на Јавното обвинителство“, рече Палевски.

Обвинетиот посочи и: „И токму затоа пристигнаа нови докази за учеството на МВР и на ЈО дека од првиот ден, од 5 декември 2023 година се во тек со оружјето“.

На почеток