Судење за убиството на Вања и Панче: Кои обвинети нема да се бранат со нови докази, а кои ќе се бранат пред судот


Обвинетите за грабнувањето и убството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се на ред да достават докази кои ќе бидат изведени на рочиштето денеска, но и на идните. Обвинетите Велибор Манев и Влатко Кешишев ќе даваат само исказ и не предлагаат никакви материјални докази за нивна одбрана. Обвинетиот Боре Видевски пак, зборуваше само дека не прифаќа пред суд да се изведе извесна снимка (засега не се знае за каква снимка станува збор), посочуваќи дека не е обезбедена на законит начин, не се знае ниту кој зборува и кој ја обезбедил.
Одбраната на Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, обвинет за помагање во грабнување. Остана на доставените докази. Тој со нив сака да докаже дека неговите деца се веќе реални сопственици на имот, но и лекарски извештаи од прегледи направени по неговото апсење и во притвор. Притоа Ѓорчевски доставил и снимки од изјави на мајката на Вања во која таа посочува дека девојчето е киднапирано.
„Одбраната на Александар Ѓорчевски останува на доставената листа на докази која е доставена до Судот и во таа смисла ги изведуваме следните материјални докази. Решение за данок на имот на име Вања Ѓорчевска, од 01.03.2023 година, малолетните деца се веќе реални сопственици на имотот. Понатаму се чита барање за доставување информации од Хелсиншкиот комитет, лекарски извештај од Аџибадем Систина, а сето тоа во контекст на медицинската документација која е составен дел за извршени прегледи на барање на судија на претходна постапка, за која побаравме судот да ја обезбеди по службена должност“, рече адвокатот Владимир Туфегџиќ.
Обвинителството се произнесе дека доказите на Ѓорчевски кој бара да се изведат не се доказ дека Вања и нејзината сестра се сопственици на имотот.
„Сакам да се произнесам за материјалните докази кои се изведуваат за изведените докази од одбраната од Град Скопје за данок на имот на име Вања и нејзината сестра, бидејќи истите не се доказ дека наведените лица се стекнале со имот и се заведени во имоте лист во Агенцијата за катастар на недвижности, туку склучениот договор кај адвокатот каде е оставен имотот на децата е проследен до Град Скопје, затоа што наследните се од прв ред и се ослободени од давачки. Ова во никој случај не е доказ, дека станот на ‘Наум Наумовски Борче’ е заведен во сопственост на сестрата на Вања, ниту пак дека станот на ‘Партизански одреди’ дека е во сопственост на Вања, затоа што по склучувањето договорот, потребно е кај нотар да се солемизира овој договор, за да се достави до Катастар и такво нешто не било направено до денот на кривичниот настан. Во однос на предложените изјави од мајката, приговарам дека тоа е гледање на новинарот за предметниот настан“, рече обвинителката.
Судењето е во тек.
