Грипот зема замав, еден починат и нови 3.035 заболени


Извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 17 до 23 месецов покажува раст на заболените од грип. Пријавени се 3.035 случаи на заболени од грип или за 11,3 проценти повеќе во споредба со претходната недела. Пријавен е и еден смртен случај на Клиниката за пулмологија. Починатото лице било на 78 годишна возраст, кое било невакцинирано, и со хронични заболувања.
„Сѐ уште сме во широка географска распространетост, но, со средна активност на вирусот на грип. Се очекува и според историските податоци, постепено намалување и да излеземе од овој период”, изјави д-р Драган Кочински, епидемиолог и раководител на Одделот за епидемиологија во ИЈЗ.
Според анализата на ИЈЗ годинава имаме пријавено повеќе од 17.000 болни од грип, што се должи пред сѐ на некои на мутации на вирусот.
„Тоа на што апелираме уште од почетокот на сезоната, е, почитување на општите мерки на превенција за респираторни заболувања воопшто, каде припаѓа и грипот. Избегнување контакт со заболени лица, избегнување простории каде што има голем број лица, често проветрување на просториите каде што се престојува, слоевито облекување, топло во ладните зимски денови и консумирање свежи продукти богати со витамини и минерали – овошје и зеленчук. Кога би се појавиле симптоми, тогаш да се избегнува контакт со други луѓе, да не ги доведуваат во ризик, да се остане дома, да се пијат многу течности и секако, доколку се чувствува влошување на симптомите, веднаш да се контактира матичен лекар или инфектолог“, рече д-р Кочински.
