Вучиќ: Благодарам на Ана Брнабиќ за нејзиното храбро и почесно однесување на вчерашната седница


Српскиот претседател Александар Вучиќ по вчерашниот инцидент на седницата на Националното собрание изјави дека чека да слушне што имаат да кажат обвинителите, но нема да мирува „додека тие што го направиле ова не одговараат“, пренесува Klix.ba.
Тој додаде дека вчера бил тежок ден за Србија и за секој нормален граѓанин на таа земја, поради, како што вели, силеџиското и хулиганското однесување и сцените чии слични не се видени од воспоставувањето на повеќепартискиот систем. Вучиќ најави дека ќе бара кривична одговорност за сите одговорни за вчерашните сцени.
Потсетиме дека пратениците од српската опозиција вчера фрлаа димни бомби во парламентот, протестирајќи против владините политики и изразувајќи поддршка за студентите кои протестираат со месеци, со директен пренос на државната телевизија.
Според него, пратеничката Соња Илиќ, која е во осмиот месец од бременоста, е добро, како и нејзиното бебе, додека Јасмина Обрадовиќ, која Вучиќ ја посети во болница, е стабилна по мозочниот удар. Вучиќ ја спомна и Јасмина Каранац која Милош Јовановиќ ја испрска со солзавец и рече дека разговарал и со неа.
Тој им се заблагодари на пратениците, на дел од министрите и на претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ за, како што рече, чесното и храбро однесување за време на седницата.
Вучиќ додаде дека пратениците од опозицијата со измама донеле димни бомби направени од картон и пластика во парламентот, истакнувајќи дека ги шверцувале во долна облека.
Според него, протестот на опозицијата кулминираше затоа што забележуваат пад на поддршката за протестите и гледаат дека луѓето не сакаат насилство и се нервозни поради тоа.
