„Жени – борци се оние кои не се откажуваат пред трулоста на системот“ – Левица за 8 Март


По повод 8 Март, Антифашистичкиот фронт на жените организираше трибина посветена на вистинските хероини на денешницата – жените кои секојдневно се борат со тежините и неправдите на овој суров систем. На оваа трибина не зборуваа експерти, газдарици на фабрики или крупни бизнисменки. Гласот им беше даден на оние што навистина ја живеат реалноста – самохраните мајки, жените жртви на семејно насилство, земјоделките, работничките во фабриките, мајките на деца со потешкотии во развојот.
Присутните, заедно со пратеничката група на Левица, го слушнаа нивниот трогателен, но храбар повик за промени. Ова беа сведоштва на жени кои се борат не само за сопствениот опстанок, туку и за една поправедна иднина за сите.
Жената жртва на семејно насилство всушност проговори за причините поради кои многу жени сè уште не пријавуваат насилство – неказнивоста на насилниците, симболичните или условните казни, бирократските лавиринти кои жртвата ја ставаат во позиција на обвинета. Говореше за тоа како превентивните мерки за насилникот се всушност домашен притвор за жртвата. Таа сведочеше за системската виктимизација: за понижувањето кое жените го трпат во болниците додека со повреди и рани бараат помош во доцните часови, за незаинтересираноста на полицијата, општинските и државните институции.
Зборуваше за тоа како е приморана десетици пати да се сели со своето дете, постојано барајќи нов покрив над главата што ќе може да го плати. Зборуваше за борбата за егзистенција, за прифаќањето на најтешките работи само за да му обезбеди живот на своето дете. Таа повторно ги замоли пратениците да го прифатат предлогот на Левица за измена на Кривичниот законик, со кој насилниците ќе се гонат и без пријава од жртвата – предлог што за жал беше одбиен од владејачкото мнозинство.
Збор зеде и жена земјоделка, која ја опиша институционалната голгота, понижувањата и скапата битка што ја води за да ја нахрани земјата и ни ги наполни трпезите. Таа упати апел дека се потребни обуки и вмрежувања на жените земјоделки. Ги спомена т.н. грантови за земјоделци за кои за да се аплицира, во подготвување документација за аплицирање се трошат околу 30.000 денари, за на крај последниот документ да не може електронски да се извади, поради тоа што системот не работи додека трае повикот за грантови. Жената – земјоделка говореше и за апсурдот при кој властите распишуваат повици за грантови за „млади земјоделци до 40 години”, кои за да го земат грантот, треба прво да вложат 15.000 – 20.000 евра… Оттука и прашањето: Кој млад човек во Македонија би се осудил на ваков чекор?
Самохрана мајка на дете со потешкотии во развојот проговори за стравот со кој се соочува секој ден, особено за летниот распуст, кога детето не оди на училиште, а таа мора да оди на работа. Постави прашање: Што ќе се случи со моето дете ако ненадејно починам? Повика на итно отворање на дневни центри за децата и лицата со потешкотии во развојот, каде што ќе можат да стекнат вештини за самостоен живот. Говореше за мизерниот детски додаток од 6.000 денари, за скапите лекови и третмани, за тоа како оваа ранлива категорија граѓани е сосема заборавена, дискриминирана од власта, која се грижи само за своите посигурни потенцијални гласачи.
Работничка во фабрика, самохрана мајка, сведочеше за тоа како, и покрај стекнатото високо образование, системот не нашол место за неа. Наместо тоа, таа била приморана да работи најтешки физички работи за да го прехрани своето дете. Говореше за тоа како системот нема мерки за “утеха” на сампхраните родители, туку тие по автоматизам стануваат семејства со социјален ризик – ладен дом, без струја, гладен стомак…
Говореше и за експлоатацијата во фабриките, за ноќните смени на самохраните родители, за прекувремените часови што не се исплаќаат, за немилосрдните странски газди што ја третираат домашната работна сила како евтина стока.
Се потенцираше и шокантниот податок дека 200.000 жени во Македонија немаат матичен гинеколог. Жените од руралните средини немаат пристап до основни здравствени услуги, а газдите во фабриките не им дозволуваат ниту основни превентивни прегледи за карцином.
Се истакна и проблемот со ниските алиментации, кои честопати воопшто не се плаќаат, оставајќи многу деца и мајки во беда.
Овие жени не се само статистика. Тие се насекаде околу нас. Тие сме ние. И покрај нивната бројност, тие се оставени сами да се борат со неправдите, додека системот ги игнорира.
Затоа, пратеничката група на Левица, која внимателно ги слушаше овие сведоштва, во наредниот период ќе подготви и достави конкретни законски решенија до Собранието.
Жени борци се оние што се борат против трулоста на системот. Успешни жени се оние што не се предаваат.
