Свет

Доживотен затвор за Радован Караџиќ

Радован Караџиќ е осуден на казна доживотен затвор. Со оваа одлука преиначена е првостепената пресуда на Трибуналот во Хаг со која во март 2016 беше осуден на 40 години затвор. Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, како наследник на Хашкиот трибунал ги отфрли сите жалбени наводи на Караџиќ, освен едно делумно усвоено барање број 31.
Пред изрекувањето на пресудата, пред судот дојде до инцидент кога на заштитната ограда семејствата на настраданите и претставници на бошњачки здруженија поставија транспарент на кој Караџиќ се споредуваше со Хитлер.

Судскиот совет на Хашкиот трибунал во март 2016 го осуди Караџиќ на 40 години затвор за геноцид во Сребреница и злосторства извршени против човештвото во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година. Караџиќ беше уапсен во Белград на 21 јули 2008 година, а девет дена подоцна беше екстрадиран во Хаг. Долги години се криеше во Србија под лажен идентитет Драган Дабиќ, лекар по алтернативна медицина. Неговото судење почна во октомври 2009 година и заврши со првостепена пресуда во март 2016 година.
По објавувањето на доживотната казна затвор за Радован Караџиќ, Стејт департментот ја коментираше пресудата преку соопштение од амбасадата на САД во Босна и Херцеговина.

„Амбасадата на САД во Сараево ја поздравува денешната пресуда на Апелациониот совет на Судот во Хаг. Пресудата претставува важен чекор кон утврдување одговорност на поединци кои предизвикаше огромни страдања на жителите до Босна и Херцеговина, и пресудата ја задоволува правдата спрема жртвите и нивните семејства“.

Понатаму од американската амбасада во Сараево во соопштението се вели дека „апелираме до сите страни да ја почитуваат пресудата и да се свртат кон колективно помирување и заеднички живот, што е неопходен за стабилна Босна и Херцеговина“.

На почеток