Отворена истрага: 13 лица меѓу кои ексдиректори и Бектеши добија притвори, 27 се вкупно осомничени


И формално отворена истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, која се води против 27 физички и три правни лица. Ноќеска пак, продолжени им се притворите на 13 лица, меѓу кои на сопственикот на дискотеката, ексминистерот за економија Крешник Бектеши, ексдиректорот на Пазарна инспекција Горан Трајковски и вработени од инспекторатот, вработени во Министерството за економија, ексдиректорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути и други лица кои беа приведени. Тие се сомничат за различни кривични дела – а повеќето, за, тешки дела против општата сигурност, за кое е пропишана казна од три до 20 години.
Од вчера уапсени се и седум полицајци, кои со своите дејствија придонеле за отворање и функционирање на дискотеката. Тие добија по 30-дневен притвор, а нив ги гони Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Вчера попладне беа приведени тројца поранешни градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Николчо Илиев од СДСМ и актуелниот кој си поднесе оставка по трагедијата, Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ. Не е познато дали и за нив ќе се бара 30-дневен притвор.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“, 59 лица го загубија животот, додека 178 лица се повредени.
