Македонија

Владата набавува софтвер за да следи дали негативно или позитивно се пишува за неа: Системот нема да оценува релевантност на вестите

Софтвер ќе треба да следи какви вести се објавуваат по медиумите, а ќе бидат класифицирани како позитивни, негативни, неутрални. Ова го открива новиот распишан тендер на Владата, преку кој се бара компанија која што ќе може ова да го изработи. Се работи за популарно наречен „прес-клипинг“ софтвер, кој веќе постои ширум светот, а Владата сака да го има во свој посед. Од него, преку извештаи, Владата, министерствата и други државни институции ќе се информираат што новинарите пишуваат за нив, но и кој новинар со каков наратив се обраќа кон јавноста додека известува за нив.

„Веб пристапот до објавите 24 часа на ден треба да обезбедува можност за пребарување, обележување на клучни зборови во објавата, прикажување на оригиналниот извор со линк, можност за изработка на извештаи, можност за оценување на медиумските објави во однос на позитивна, негативна и неутрална конотација, онлајн квантитативна аналитика на објавите по одредени параметри“, стои во техничката документација на тендерот.

До софверот, ќе треба да се има постојан пристап, па дури ќе треба да е достапна апликација за „ИОС“ и „Андроид“ уреди.

Според Владата, овој софтвер ќе им биде за да ги следат реакциите на јавноста при пласирање на соопштенија, но и да се корегираат во работењето. Тие се децидни дека нема да утврдуваат релевантност ја вестите, туку пораките кои ќе ги добиваат.

„Системот пропишан во документацијата не се однесува на оценка на релевантноста на самите вести, туку пораките кои доаѓаат од медиумите во насока на коригирање на можните грешки во спроведувањето на политиките од работењето на Владата. И во таа насока на медиумите единствено гледаме како силен коректив и партнер во спроведувањето на политики од заеднички и општествен интерес“, меѓудругото, велат од Владата.

Вакви софтвери долги години користат големите компании, како и ПР агенциите. Најчесто досега, дури и претпријатијата имаа распишувано огласи за изработка на т.н. прес-клипинг, каде ова што сега треба да го работи софтверот, го работеле приватни компании.

На почеток