„Алкалоид“ му додели стипендија на Јован кој спаси 21 живот во Кочани и донираше 250.000 евра за настраданите


Компанијата „Алкалоид“ му додели стипендија на 19-годишниот средношколец Јован Костадинов од Виница, кој во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ спаси 21 лице. Јован во наредните четири години ќе добива стипенција за студии од „Алкалоид“ во висина од 18.000 денари месечно.
Јован е матурант, во средното училиште „Ванчо Прке“ во Виница.Тој при пожарот во кој загинаа 59 лица, а над 200 беа повредени, ставил мокра маица на уста и нос и влегол во дискотеката за да ги спасува младите луѓе.
„Алкалоид“ вчера соопшти дека донира 15 милиони денари (250.000 евра) за поддршка на настраданите граѓани и нивните семејства во трагедија во Кочани. Парите се уплатени во фондот на Црвениот крст.
„Сакаме да искажеме посебна благодарност и до сите здравствени системи и здравствени професионалци во земјава, во регионот и низ Европа, кои несебично ги ставија на располагање своите ресурси и знаења во клучните моменти од животоспасувачката мисија. Алкалоид АД Скопје, од 16 март наваму, во неколку наврати, симболично им помогна на здравствените установи во Македонија со производи од својот асортиман, во делот на пројавените потреби. Покрај горенаведената финансиска донација преку Фондот на солидарност на Црвениот крст, компанијата ќе продолжи да помага онаму каде е потребна помош и поддршка“, велат од „Алкалоид“.
