Македонија

Трамп и воведе царини на Македонија од 33 отсто за извоз во САД

Македонија се најде на листата на американскиот претседател Доналд Трамп на која и се воведуваат царини.

Стапките на царини што ги воведува Трамп се движат од 10 до 50 отсто, а за Македонија, според она што го објави се 33 отсто, односно половина од она што, според табелите, земјата го има како царина кон САД, а тоа е 65 отсто.

Трамп во својот говор изјави дека ќе воведе царини врз основа на принципот на пресметување на „тарифи за американски стоки, непарични пречки и сите начини на „мамење“ на другите земји, а според проценката на Белата куќа, Македонија има царина од 65 отсто за американските стоки.

На листата се и други земји од регионот. Така, стоката од Црна Гора која се увезува во САД сега ќе има царина од 10 отсто, а идентична давачка ќе биде воведена и за стоката од Косово.

Највисоки царини на светско ниво се воведуваат за Камбоџа и тие ќе изнесуваат 49 отсто.

Држејќи голема табела со наслов „реципрочни тарифи“, на која се прикажани царините што другите земји ги наметнуваат на САД во споредба со американските царини за нив, Трамп рече дека никој не треба да биде лут на тоа.

„Тие ни наплаќаат на нас, ние на нив. Кој може да биде лут поради тоа? Денес имаме многу, многу добри вести. Многу добри работи се случуваат за нашата земја. На пример, повеќе од 80 отсто од автомобилите произведени во Јужна Кореја се продаваат во Јужна Кореја, а повеќе од 90 отсто од автомобилите што се продаваат во Јапонија се произведени во Јапонија. Затоа, почнувајќи од полноќ, ќе стапи на сила царината од 25 отсто за сите возила произведени во странство. Значи, тарифите нема да бидат целосно реципрочни. Можев да го сторам тоа, да, но тоа би било тешко за многу земји. Нема тарифа ако го правите вашиот производ овде, во Америка“, рече Трамп.

Според Трамп, САД повеќе не можат да си дозволат трговски дефицит со другите земји бидејќи, како што тврди, ги субвенционирале предолго.

На почеток