Македонија

Мицкоски за царините на Трамп: За скоро денеска очекувам добра вест

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека работат на темата со царините, кои американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе за увозот од 180 земји, вклучувајќи ја и Македонија. За увозот од Македонија, Трамп одреди царина од 33 отсто.

„Работиме и на таа тема. Со САД сме во постојана комуникација и со Министерството за економија и Министерството за финансии. На дневна основа работат тимови и телефонски се разговара. За многу скоро денеска очекувам добра вест за македонските граѓани и македонската економија“, рече Мицкоски.

На презентацијата на новите царини во Белата куќа, Трамп покажа серија табели со детали за царинските стапки, но и за царинските стапки кои што другите земји и ги наметнуваат на САД. Во овие царински стапки на другите земји од администрацијата на Трамп велат дека се вклучени „манипулации со валутите и трговски бариери“. За Македонија, оваа бројка изнесува 65 отсто, но не е јасно како е пресметана.

Трговската размена меѓу Македонија и САД минатата година изнесувала 314 милиони долари, од кои што 118 милиони долари е извоз на Македонија.

Трамп воведе царини од 20 отсто на земјите од ЕУ, како и 34 отсто на Кина. На Балканот, најголема царинска стапка отсега ќе има Србија – 37 отсто, по што следува БиХ со 35 отсто, додека Албанија и Косово ќе имаат по 10 отсто.

Новите царински стапки треба да стапат во сила во текот на наредните седум дена.

На почеток