Македонија

Царините кои ни ги воведе САД се резултат на некаква грешка, контактираме, очекуваме да излеземе од состојбава, рече Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека работат на темата со царините, кои американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе за увозот од 180 земји, вклучувајќи ја и Македонија. За увозот од Македонија, Трамп одреди царина од 33 отсто.

„Очекувам многу скоро да се корегира ова што очигледно е резултат на некаква грешка. Ние сме во дефицит во 2024 година, а тие кои се во дефицит немаат вакво зголемување на даноците. Во контакт сме со Амбасадата, со Министерството за економија.. Така што очекувам да се излезе од оваа состојба“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека ако земјите од ЕУ не го надминат ова со САД, ефектите по домашната економија ќе бидат поголеми.

„Процесот е сензитивен, не би откривал ништо додека сѐ не се заврши. Додека не се заврши – нема ништо, кога ќе се заврши, ќе соопштиме“, додаде Мицкоски.

Трговската размена меѓу Македонија и САД минатата година изнесувала 314 милиони долари, од кои што 118 милиони долари е извоз на Македонија.

Трамп воведе царини од 20 отсто на земјите од ЕУ, како и 34 отсто на Кина. На Балканот, најголема царинска стапка отсега ќе има Србија – 37 отсто, по што следува БиХ со 35 отсто, додека Албанија и Косово ќе имаат по 10 отсто.

Новите царински стапки треба да стапат во сила задутре.

На почеток