Свет

Шпанците испратија дури 30.000 полицајци на улиците, Скај њуз: Ова би можело да се претвори во кошмар, се случи нешто екстремно!

Министерството за внатрешни работи на Шпанија прогласи вонредна состојба по колапсот на електричната мрежа кој го погоди поголемиот дел од Иберискиот Полуостров. Министерството додаде дека вонредната состојба ќе се однесува на регионите што го побарале тоа. Досега, Мадрид, Андалузија и Екстремадура побараа од централната влада да ги преземе јавниот ред и други функции.

Во меѓувреме, Ројтерс објави во понеделник вечерта, повикувајќи се на сведоци, дека снабдувањето со електрична енергија се обновува во различни делови од центарот на Мадрид. Министерството за внатрешни работи соопшти дека распоредува 30.000 полицајци за одржување на безбедноста. Тие ќе бидат распоредени низ целата земја, додаде министерството.

Португалскиот мрежен оператор REN изјави дека „нема информации“ дека масовните прекини на електричната енергија што го погодија Иберискиот Полуостров се предизвикани од кибернапад. Членот на одборот на REN, Жоао Консеисао, рече дека колапост веројатно е предизвикан од „многу голема флуктуација на електричните напони, прво во шпанскиот систем, кој потоа се проширил на португалскиот“.

„Може да има илјада и една причина, прерано е да се процени“, рече тој, додавајќи дека REN е во постојан контакт со Шпанија. Консеисао рече дека REN се надева дека ќе го врати напојувањето со електрична енергија во вториот по големина град во земјата, Порто, во следните два часа, а во рок од пет или шест часа и во главниот град Лисабон.

„Доколку беше до REN, земјата утре ќе се разбудеше со струја, но за жал не е важен само REN“, рече тој.

Скај њуз објави дека шпанските и португалските инженери се соочуваат со голем предизвик и потенцијален кошмар – постепено обновување на мрежата дел по дел, додека се одржува рамнотежа помеѓу понудата и побарувачката. Ако се дејствува премногу брзо, мрежата би можела повторно да падне. Ако трае предолго, некои електрани или трафостаници би можеле да бидат тешки за рестартирање – особено ако се потпираат на енергија од батерии.

Скај нè потсетува дека локалните прекини на електричната енергија се доста чести, но она што се случи низ Шпанија и Португалија беше нешто многу поекстремно. Голем дел од шпанскиот и португалскиот систем за пренос на електрична енергија се распадна за неколку секунди, вклучувајќи ги и големите градови Лисабон, Мадрид, Барселона и Севиља.

Денешниот колапс на електричната енергија веројатно ќе го надмине најголемото затемнување во Европа досега, кога 56 милиони луѓе во Италија и Швајцарија останаа без електрична енергија до 12 часа во 2003 година.

На почеток