Премиерот на Нов Зеланд сака да ги забрани социјалните мрежи за лица под 16 години


Премиерот на Нов Зеланд, Кристофер Луксон, во вторник предложи забрана за пристап до социјалните медиуми за лицата под 16 години, неколку месеци откако слични ограничувања, едни од најстрогите во светот, беа воведени во Австралија.
Законот, предложен од премиерот на Нов Зеланд и кој мора да им биде претставен и на неговите коалициски партнери, ќе бара од платформите да преземат мерки за да спречат пристап до нив за лицата под 16 години.
Текстот на законот предвидува казни до еден милион евра за компаниите кои не ја почитуваат обврската. Сè уште не е познато на кои платформи ќе се однесува законот.
Сличен закон беше усвоен од парламентот во Австралија во ноември, земја која го предводеше патот во регулирањето на социјалните медиуми за заштита на децата.
Австралискиот закон беше критикуван од големите компании за социјални медиуми, велејќи дека може да ги турка децата и младите кон опасни алтернативни платформи.
„Време е Нов Зеланд да признае дека социјалните медиуми, и покрај сите добрини што ги прават, не се секогаш безбедно место за нашите млади луѓе“, изјави Луксон за новинарите.
„Време е одговорноста да се префрли на овие платформи за заштита на ранливите деца од штетна содржина“, додаде тој.
Луксон не кажа кога законот ќе биде претставен во парламентот. „Станува збор за заштита на нашите деца. Станува збор за обезбедување компаниите за социјални медиуми да ја играат својата улога во безбедноста на нашите деца“, додаде тој.
Законот е изготвен од неговата политичка партија, централно-десничарската Национална партија на Нов Зеланд, и ќе треба да добие поддршка од две партии во владејачката коалиција за да се усвои.
„Како мајка на четири деца, верувам дека семејствата и родителите треба подобро да се поддржат во следењето на изложеноста на нивните деца на онлајн содржини“, рече заменик-претседателката на парламентот, Кетрин Вед, која го напиша законот.
Користењето на социјалните медиуми од страна на децата и младите предизвика загриженост во последниве години, особено во врска со времето поминато пред екран и недостатокот на модерација на некои платформи.
Спроведувањето на австралискиот закон со кој се забрануваат социјалните медиуми за лица под 16 години, кој треба да стапи на сила до декември, ќе биде внимателно следено во други земји бидејќи неколку размислуваат за слични ограничувања, вклучувајќи ги Нов Зеланд и Шпанија.
Кина им забрани на малолетниците пристап до социјалните медиуми и бара документи за идентификација од 2021 година. На лицата под 14 години не им е дозволено да поминуваат повеќе од 40 минути на ден на Доуин, кинеската верзија на ТикТок, а на децата и младите им е строго ограничено времето што можат да го поминат играјќи онлајн игри.
