Не сме Северна Кореја: Независните бараат учество во изборната трка со 50 потписи


Граѓанските организации бараат рамноправно учество во изборите и пополнување на правната празнина по одлуката на уставните судии.
Предлагаат со измените во Изборниот закони да се намали цензусот и услов од најмногу 50 собрани потписи за независни листи на кандидати за претстојните локални избори. Ова го побараа седум граѓански организации: „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ од Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово”.
На прес конференцијата во Скопје тие го повикаа Министерството за правда да ги вклучи нивните претставници во процесот на меѓупартиски консултации околу измените во изборната регулатива.
„По одлуката на Уставниот суд да ги укине двата члена од Изборниот законик со кои драстично беше подигнат прагот за собирање на потписи на независните кандидати потребно е да се пополни правната празнина. Се виде дека партиите имаат страв од независните листи. Со тоа Македонија покажа дека е на листата на држави кои не покажуваат никакви демократски капацитети. Напротив, сега сме не само како Северна Македонија туку и стануваме како Северна Кореја каде не е дозволен настап на независни кандидати и листи”, изјави Јана Белчева од граѓанската организација „Шанса за Центар“.
Тие бараат да се дозволи и собирање на потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји. Бараат да се зголеми периодот на собирањето на потписите на 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на гласачкото ливче, да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирање на изборната кампања.
