Апсењето на Нацев предизвика политичка војна: „Правда за сите“ или „жртвено јагне за ПР“?


Апсењето на Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување поврзана со трагедијата во Кочани, денеска предизвика лавина реакции и отвори нов политички фронт меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Двете најголеми партии со сосема различни толкувања за потегот на институциите – едните го нарекоа „доказ дека има правда за сите“, а другите „закаснето апсење и ПР-фасада“.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека апсењето на нивниот член е потврда дека институциите функционираат без разлика на партиска припадност:
„Денешното апсење на Александар Нацев е доказ дека правда има, и таа важи за сите. Секој кој има било каква инволвираност со трагедијата во Кочани ќе излезе пред институциите, без разлика дали е член на ВМРО-ДПМНЕ, СДС, ДУИ или која било друга политичка партија.“
Од таму ги повикаа СДСМ да престанат со, како што велат, „секојдневни пресуди без докази“ и додадоа дека првпат во историјата на државата, одговорност има за сите.
Но, СДСМ го оцени апсењето како задоцнето и режирано, со цел да се заштитат повисоките ешалони на власта:
„Три месеци владата на ВМРО-ДПМНЕ негираше секаква вмешаност на Нацев. Сега, кога веќе не може да се скрие вистината, ВМРО-ДПМНЕ го користи Нацев како жртвено јагне.“
Според СДСМ, вистинската правда ќе дојде дури кога ќе се отвори истрага и за луѓето кои, како што велат, денес се под заштита на лидерот Мицкоски. Укажуваат и дека дел од поранешни полициски функционери поврзани со настанот се дел од изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
Во контекстот на трагедијата што ја потресе јавноста, политичката дебата добива сѐ поголема тежина, а граѓаните – особено семејствата на жртвите – бараат вистинска, а не селективна правда.
