Свет

Притворот на осомничените за смртта на 16 лица при падот на настрешницата во Нови Сад е укинат

Апелациониот суд во Нови Сад го укина притворот на петмина осомничени во истрагата за фаталниот пад на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 16 лица, објави судот во среда.

Судот донесе одлука со која делумно ги прифати жалбите на адвокатите на обвинетите во кривичната постапка во врска со трагедијата во Нови Сад, која предизвика бран повеќемесечни протести и обвинувања на властите за коруптивни практики и лошо извршување на работите на неодамнешната реконструкција на станицата.

Меѓу првично уапсените, судот веќе го укина притворот на поранешниот министер за градежништво, Горан Весиќ, а уште петмина обвинети беа ослободени од притвор, против кои ќе се примени електронски надзор и забрана за напуштање на станот во период од три месеци, како и забрана за користење телефони, интернет и прием на други лица во станот.

На крајот од минатата година беше поднесено обвинение против 13 лица, но судот го врати за доработка.

Меѓу обвинетите се и поранешната вршител на должноста директорка на Српската железничка инфраструктура Јелена Танасковиќ, поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димовски и поранешниот генерален директор на Српската железничка инфраструктура Небојша Шурлан.

Тие се обвинети за кривични дела против јавната безбедност и предизвикување јавна опасност.

Во обвинението се товарат и неколку инженери, проектанти и лица одговорни за изградба, контрола и надзор.

На почеток