Свет

Крвава ескалација во Газа: Најмалку 21 Палестинец убиен во израелски напади, преговорите за прекин на огнот во застој

Најмалку 21 Палестинец убиен во Појасот Газа во израелски воздушни напади и пукања, соопштија локалните здравствени власти, додека посредници од Израел и Хамас се обидуваат да ги обноват преговорите за прекин на огнот.

Според локалните здравствени извори, во израелски воздушен напад биле убиени најмалку девет лица во училиште каде што биле сместени раселени семејства во предградието Шеик Радван во градот Газа. Во друг напад, уште девет лица загинале во близина на шатори во Кан Јунис, на југот на енклавата.

Тројца Палестинци биле убиени во израелско пукање, а десетици ранети додека чекале камиони со хуманитарна помош од ОН долж главната рута во централна Газа, изјавија доктори.

Израелската војска сè уште нема дадено официјален коментар за денешните напади. Израел тврди дека целта е елиминирање на милитантите на Хамас кои извршија напад врз јужен Израел во 2023 година и ослободување на заложниците што се уште ги држи таа група.

Новите жртви доаѓаат во момент кога арапските посредници, Египет и Катар, со поддршка од САД, ги контактираат завојуваните страни обидувајќи се да воспостават нова рунда преговори за прекин на огнот. Сепак, според извори од Хамас, точен датум за продолжување на разговорите сè уште не е утврден.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистира Хамас, кој речиси две децении владее со Газа, да ги ослободи сите заложници, да се откаже од секоја политичка улога и да го положи оружјето за да се стави крај на војната. Хамас, пак, изјави дека ќе ги ослободи заложниците само ако Израел се согласи на траен прекин на огнот и целосно повлекување од Газа.

На почеток