(Видео) Страшна трагедија во Грција: Загинаа татко и син во судир со камион управуван од Македонец


Две лица – татко и неговиот 13-годишен син – го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи во саботата попладне на стариот магистрален пат Солун – Верија, во близина на делницата меѓу Халкидони и Лудија. Според информациите на грчките медиуми, патнички автомобил со четиричлено семејство под сè уште неразјаснети околности се судрил со камион со македонски регистарски таблички.
Несреќата се случила околу 16 часот. 44-годишниот возач на автомобилот починал на самото место, додека неговиот 13-годишен син им подлегнал на повредите кратко по судирот. Во возилото се наоѓале и 43-годишната мајка и нивниот 9-годишен син, кои со тешки повреди биле пренесени во болницата „Гениматас“ во Солун.
Возачот на камионот, 34-годишен државјанин на Македонија, не е повреден во несреќата, но е уапсен веднаш по настанот. Против него е поведена истрага, а надлежните органи утврдуваат под кои околности дошло до фаталниот судир.
Според роднини на настраданото семејство, тие се враќале од Солун кон своето село Пела кога се случила трагедијата. Веста ја потресе целата локална заедница, а семејството и пријателите се во шок од загубата.
