Свет

Вучиќ по протестот во Белград: „Србија победи – нема помилувања за насилниците“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска ѝ се обрати на јавноста по вчерашниот масовен студентски протест „Видимо се на Видовдан“, кој заврши со инциденти и судири со полицијата во центарот на Белград.

„Србија победи, и Србија нема да ја победите со насилство. Србија никогаш нема да застане“, изјави Вучиќ на прес-конференција, пренесува Блиц. Тој порача дека нема да потпише никакви помилувања или амнестии за учесниците во насилството, за кои, како што рече, биле предупредени повеќе од 500 пати да не учествуваат во вакви активности.

Според Вучиќ, „теророт трае седум месеци“ од страна на лица кои, како што рече, се однесуваат како „божји пратеници“. Ги обвини дел од учесниците на протестот дека „свесно повикале на граѓански судир“ со пораката „имате зелено светло“.

Иако го осуди насилството, Вучиќ направи разлика меѓу студентите од некои факултети кои, иако го критикуваат, одбиле да учествуваат во нереди, и оние кои, според него, сакале „крвопролевање“. Поблагодарувајќи ѝ се на полицијата за, како што рече, „патриотскиот пристап“ и воздржаноста, истакна дека се избегнати потешки последици благодарение на професионалната интервенција.

„Не знаете што сте мислеле – дека сте посилни од државата? Па државата има монопол на физичка присила. Кој ве научи дека државата е нешто што може да се руши со камења?“, праша Вучиќ, додавајќи дека ќе има уште многу апсења поради нападите врз полицијата.

Вчерашниот протест заврши со порака на студентите: „Земете ја слободата во свои раце, имате зелено светло“. По завршувањето на официјалниот дел, следуваа судири со полицијата, при што беа уапсени 77 лица, а повредени се 48 полицајци – од кои еден со тешка повреда на главата.

Според министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, кој исто така се обрати на прес-конференција, на протестот учествувале 36.000 луѓе, иако други проценки зборуваат за повеќе од 100.000. Дачиќ наведе дека голем дел од полициската опрема бил уништен или оштетен – 67 шлемови, 75 штитови, неколку возила.

Српските власти најавуваат засилени постапки против организаторите и учесниците во нередите, додека опозицијата и студентските движења тврдат дека протестот бил мирен и дека насилството е провоцирано од страна на полицијата.

На почеток