Свет

Палестински извори: Во израелски напади во Газа загинале 14 лица, меѓу нив и тројца деца

Најмалку 14 Палестинци, меѓу кои и тројца деца, загинале во најновите израелски воздушни и копнени напади ширум Појасот Газа, соопшти денеска Цивилната заштита на палестинската енклава. Според портпаролот на организацијата, Махмуд Басал, десетици други се повредени и пренесени во болници.

Басал наведе дека 13 лица загинале во напади извршени со дронови и воени авиони: петмина на североистокот од градот Газа, две деца во истиот град, една жена во нејзиниот дом во Хан Јунис и уште пет лица – меѓу нив дете и две жени – во бегалски шатор во Ал-Маваси, на југот од Газа.

Дополнително, 18-годишен маж бил убиен од израелска огнена сила додека чекал ред за дистрибуција на храна во секторот Ал-Алама, исто така на југот на Појасот Газа.

Француската новинска агенција AFP објави дека не може независно да ги потврди овие информации.

Во меѓувреме, израелската армија денеска издаде нов повик за евакуација на неколку населби на северот на Газа, каде што, според нивните тврдења, се одвиваат интензивни воени операции против борци на Хамас.

На почеток