Црвен аларм објавен низ целиот европски континент, бројот на смртни случаи расте, а експертите предупредуваат на „пеколен“ петок


Температурите низ Европа незапирливо ги уриваат историските рекорди. Стариот континент минува низ еден од најлошите топлотни бранови во историјата, а жителите се соочуваат со последици што не можат да се игнорираат.
Се очекува врвот на топлотниот бран да биде во петок, велат дежурните синоптичари.
Пеколен петок
Црвени аларми, пожари и смртни случаи во Европа ги полнат насловите на светските медиуми.
Франција прогласи највисоко ниво на тревога, или црвена тревога, во повеќе од 30 департмани. Во Париз е измерена температура од 42°C, а Министерството за здравство досега потврди два смртни случаи предизвикани од топлотен удар. Ајфеловата кула се шири за неколку милиметри поради топлината и малку се наведнува од сонцето, па за прв пат во својата 135-годишна историја е затворена поради топлината.
Во повеќето региони, основните и средните училишта работат до првата или втората недела од јули, а сега повеќе од 1.300 училишта се затворени бидејќи условите стануваат неподносливи за децата и наставниците. Итните служби добиваат стотици повици дневно поради колапс и дехидрација на граѓаните.
Во Шпанија, во Кордоба беа измерени 46 степени Целзиусови, а пожарникарите во Леида гаснеа пожар во кој беа изгорени 6.500 хектари. Две лица загинаа, вклучувајќи и маж кој беше заробен во возило, а во друг инцидент, дете го загуби животот од топлотен удар.
Шпанската министерка за животна средина и комесар на ЕУ, Тереза Рибера, отворено изјави дека „политичката кукавичлук“ ги попречува климатските реформи. „Луѓето ги губат своите животи, екосистемите исчезнуваат, а ние само зборуваме“, рече таа. Во меѓувреме,
Португалија го пријави најтоплиот јуни откако се мери температурата.
Германските власти воведуваат ограничувања за користење на вода во повеќе од 40 области. Градови како Берлин и Келн отвораат таканаречени „кул места“, климатизирани простори за стари лица и бездомници. Метеоролозите најавуваат можност за соборување на националниот рекорд од 2019 година (41,2 °C).
Зголемените температури ја направија реката Аре во Швајцарија премногу топла за безбедно да се користи за ладење на нуклеарната централа Безнау, па затоа едниот реактор е затворен, а другиот работи со намален капацитет. Затоплувањето на реката би можело да го загрози растителниот и животинскиот свет.
Италија привремено забрани градежни работи на отворено во попладневните часови. Електроенергетските системи во Милано, Рим и Фиренца се под огромен притисок, а локалните власти воведуваат планови за рационализација.
Во Полска, температурите достигнаа 38°C, што е невообичаено високо ниво за тој регион. Земјоделците предупредуваат на суша што ги уништува посевите. Слични слики доаѓаат и од Чешка и Унгарија.
